(Видео) Пронајдени остатоци од тело на млада девојка во национален парк во САД, нејзиниот партнер одбил да разговара со полицијата

Во националниот парк во Вајоминг биле откриени остатоци од телото на исчезнатата 22-годишна Габи Петито. Засега не е извршена официјална идентификација, соопштил порпаролот на ФБИ, Чарлс Џоунс, и додал дека чека потврда за тоа дека е известено и нејзиното семејство.

Причината за нејзината смрт засега не е позната. Петито последен пат била видена со нејзиниот дечко Брајан Лаундри. Тој на 1 септември се вратил сам дома по повеќемесечен излет со неа.

Двајцата го напуштиле Њујорк во јуни и тргнале на запад со бело комбе. Тие планирале да посетат неколку национални паркови и да го документираат своето патување на социјалните мрежи.

Петито на 25 август ја објави својата последна фотографија. Нејзиното семејство верува дека таа се упатила во националниот парк Гранд Тетон во Вајоминг.

Лаундри, кој живеел со Петито во Норт Порт, јужно од Сент Петерсбург, на западниот брег на Флорида, одбил да разговара со истражителите. Неговото семејство на полицијата им кажало дека го немаат видено три дена.

Полициските службеници од Флорида и агентите на ФБИ го поминале целиот викенд прочешлувајќи го шумското подрачје.

Scroll to Top