(Видео) Трагичната судбина на кланот на Гадафи: диктаторот на Либија имал осум деца, а врската со една жена и денес е мистерија

Поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи беше убиен пред десетина години. Тој има седум сина и само една ќерка, од кои тројца настрадаа кога настана револуцијата во земјата, а другите побегнале.

Едниот од нив, Саиф ал-Араб, загинал за време на бомбардирањето на НАТО во април 2011 година, а Камис неколку месеци подоцна. Мутасим бил ликвидиран истиот ден како и татко му, на 20 октомври 2011 година.

Другите членови на семејството преживеале, вклучувајќи ја и неговата сопруга Сафија, најстариот син Мухамед и ќерката Ајша, која живее во егзил.

Сафија Фаркаш, која на Гадафи му родила седум деца, по падот на власта во Либија, некое време минала во Алжир со ќерката Ајша и синот од неговиот прв брак.

Се верува дека таа престојувала во вилата во Алжир, а тамошната влада ѝ наредила да не излегува во јавност и да не се меша во политиката на Либија.

Ако работите се одиграле поинаку, Мухамед требало да се подготвува за Олимписките игри во Лондон во 2012 година заедно со претставниците на олимпискиот комитет на Либија. Но, наместо тоа, тој завршил во затвор во Алжир.

Во октомври 2012 година му бил одобрен азил во Оман, каде што патувал заедно со Ајша и Сафија. Тие до ден-денес престојуваат таму, но забрането им е да се занимаваат со политика.

Синот на Гадафи, Сади, популарниот плејбој, се најде на слобода

За потсетување, третиот син на Гадафи, Сади, излезе на слобода на 6 септември откога седум години ги мина во затвор во Триполи. Претходно, беше ослободен по обвинувањата за убиството на либискиот фудбалски тренер Башир ал-Рајаниј, а се сомничел и дека пукал во демонстрантите.

Сади Гадафи за време на револуцијата побегнал во Нигер, но во 2014 година бил испорачан во Либија и од тогаш бил затворен во Триполи. Тој веднаш по ослободувањето, со авион тргнал за Истанбул.

Неговото ослободување е резултат на преговорите во кои биле вклучени високи племенски личности и премиерот Абдулхамид Дбеибех, вели официјален извор.

Друг извор вели дека во преговорите бил вклучен и поранешниот министер за внатрешни работи на земјата, Фати Башаг. Сади некогаш професионално се занимавал со фудбал и играл во италијанската Серија А, во Сампдорија, Удинезе и во Перуџа, а некое време бил и тренер.

Освен тоа, тој се школувал и станал инженер, а каде и да се појавел, околу него имало шестмина лица. „Тој важеше за голем плејбој“, рече еднаш бугарската танчарка Дафинка Мирчева.

Сади ја запознал Дафинка за време на еден нејзин настап во ноќен клуб во Париз. Тој веднаш сакал да ја однесе со приватен авион на Карибите. Таа го одбила, а Гадафи потоа секоја втора недела доаѓал во Париз за да ја посети и ја носел во најскапите хотели, каде што една ноќ чинела и по 3.600 евра. Тој постојано ѝ давал скапи подароци, а еднаш потрошил и 23.000 евра за скап накит.

Непослушниот Ханибал

Другиот син на Гадафи, Ханибал, исто така побарал засолниште во Алжир, но успеал да замине во Либан, каде што ѝ се придружил на сопругата, манекенката Алини Скаф. Потоа бил киднапиран од вооружена група, која од него побарала информации за починатиот имам, кој исчезнал во Либија децении претходно, поради што односите на двете земји со години беа нарушени.

На крајот на 2015 година Ханибал се појави на една снимка повикувајќи ги сите што имаат какви било информации за имамот Муси ал-Садру да излезат во јавност. Ханибал набргу потоа бил ослободен. Семејството Гадафи главно не било добредојдено во Либан, особено меѓу шеитите.

Инаку, во 2008 година Ханибал со сопругата Алина предизвика дипломатски инцидент во Швајцарија кога беа уапсени во луксузниот хотел во Женева затоа што ги нападнале двајца поранешни слуги. Либиските власти побарале против нив да не се подигне обвинение затоа што им се извиниле.

Наследникот Саиф ал-Ислам

Најочигледниот наследник на Гадафи, Саиф ал-Ислам Гадафи, по една година помината далеку од очите на јавноста, излезе од сенката и во јули за „Њујорк тајмс“ изјави дека планира да се врати на политичката сцена. Тој не исклучи дека ќе учествува на изборите, кои треба да се одржат во декември.

Второто најстаро дете на Гадафи, од осумтемина колку ги имал, се надева дека либиските парламентарни и претседателски избори, кои се закажани за 24 декември, ќе донесат некакви промени.

Додека Саиф ал-Ислам допрва треба да каже дали ќе се кандидира за изборите, неговиот изненадувачки настап на сцената говори многу. Па, сепак, тој е внимателен затоа што земјата во основа е поделена на две влади, на исток и на запад, а допрва треба да се дознае под кои од овие две администрации ќе бидат одржани изборите. Освен тоа, Меѓународниот кривичен суд долго време го бара за воени злосторства.

Неодамна на еден новинар на „Њујорк тајмс“ тој му рече: „Бев далеку од либискиот народ 10 години. Морате полека да се вратите. Како стриптиз. Морате малку да си поиграте со нивните умови“.

Јавно ја одбил понудата на татка си да ја заземе втората најважна позиција во земјата, така што немаше функција во владата на Либија. Како што известил „Стејт департментот“, по владеењето на Гадафи, тој беше втората најпрепознатлива личност во Либија, што де факто го правело премиер.

Многумина предвидоа дека тој ќе го наследи татко му. На 27 јуни 2011 година Меѓународниот кривичен суд по него издаде потерница поради злосторство против човештвото, убиство и прогон на цивили, нешто што тој негира дека го направил.

Уапсен е на 19 ноември истата година, на југот на Либија, и однесен е со авион до Зинтан. Осуден е на смрт во 2015 година во Триполи поради злосторства направени за време на граѓанската војна. Му било судено во отсуство.

Но, во 2017 година тој е ослободен од затвор во Зинтан, а подоцна го амнестирала и владата од Тобрук, предводена од генералот Халиф Хафтар. Сепак, и понатаму го гони Меѓународниот кривичен суд.

Откако се нашол на слобода, не се знае каде точно се наоѓа. Неговите политички ставови ги пренесувал Народниот фронт, а се смета дека таа тајност му е потребна за да му биде загарантирана безбедноста. Тој е инженер, доктор по филозофија и политичар.

Во 1994 година дипломирал на економски науки на Универзитетот „Ал Фатах“ во Триполи, а шест години подоцна добил титула магистер по деловна администрација на Виенскиот универзитет. Завршил школо за економија и политички науки во Лондон.

По 2000 година, тој бил во посета на британското кралско семејство во Бакингемската палата и во замокот Виндзор. Ова стои на неговата страница на „Википедија“. Се наведува дека во 2009 година имал раскошна роденденска забава во Црна Гора, на која, меѓу другите, биле и тајкунот Олег Дерипаски, бизнисменот Питер Манк, како и принцот Алберт од Монако.

Ќерката на Гадафи, која заминала во егзил 

Единствената ќерка на Гадафи, по неговата смрт, избегала во Алжир. Три дена по нејзиното пристигнување во земјата, било соопштено дека таа родила девојче, кое го добило името Сафија, по баба ѝ.

Иако е држана под строг надзор за да не се огласува во јавноста, Ајша ја користела сириската телевизија за да ги повика Либијците да ѝ се спротивстават на новата влада. Таа го ангажирала израелскиот адвокат Ник Кофман да ја истражи и смртта на татко ѝ.

Европскиот суд за правда во април оваа година донесе одлука да се тргне нејзиното име од листата на субјекти над кои се воведени санкции во 2011 година.

Како што навеле, таа повеќе не претставувала закана за меѓународниот мир и стабилност. Ајша Гадафи веќе со години не била во Либија и според судот, таа не покажувала интерес за либиската политика. Таа и понатаму се наоѓа во Оман.

Посвоената ќерка Хана, реалност или измислица

Гадафи имал уште една ќерка, која била посвоена, Хана. Долго време тврдел дека таа починала во 1986 година во воздушните напади на американските сили кога имала само 18 месеци. Но, подоцна имало шпекулации дека таа е жива, иако за неа не се знае премногу.

Наводно постојат снимки на кои Хана си игра со татко ѝ и со браќата неколку години по бомбардирањето. Одредени документи најдени во куќата на Гадафи гласеле на име на Хана Моамер Гадафи. Либиските медиуми пренесоа дека таа е доктор и дека работела во Триполи неколку години. Други сметаат дека Хана никоваш не ни постоела.

Во април 1986 година американските воени авиони ја бомбардирале резиденцијата на фамилијата на Гадафи во Триполи во знак на одмазда поради подметнатата бомба во берлинскиот ноќен клуб, во кој престојувале американски војници.

Се верувало дека токму Либијците се одговорни за тој напад. Проектилите го промашиле Гадафи, но наводно Хана загинала во бомбардирањето. Иако еден новинар тврдел дека го видел нејзиното тело, фактот дека девојчето никогаш порано не било спомнато, предизвика приказни дека целиот случај е наместен за пропагандни цели.

Друга теорија говорела дека Хана постоела, но дека не е убиена. Според таа верзија, Хана некое време минала во Лондон, а студирала во Триполи, каде што подоцна работела како доктор. Во 2011 година германски „Велт“ пренел дека дошол до посед на документи што покажуваат дека Хана била родена на 11 ноември 1985 година, шест месеци пред бомбардирањето.

„Велт“ во архивите на кинеската агенција „Синхуа“ пронашол дека Гадафи своевремено се состанувал со африканскиот лидер Нелсон Мандела и дека бил во друшво на ќерките Ајша и Хана. Со тоа се приложени и фотографии. Потоа, „Дејли телеграф“ пронашол документи во подрумот на лубиската амбасада во Лондон, во кои се тврди дека во 2008 година британски забар отишол во Триполи, каде што ја лекувал Хана.

Кога бунтовниците влегле во Триполи и ја зазеле резиденцијата на Гадафи, наводно внатре ја нашле собата во која веројатно живеела Хана. Бил пронајден и сертификат од „Бритиш консул“, кој потврдува дека некој под нејзино име полагал англиски јазик и ја добил највисоката оценка А.

Тука тогаш се појавила уште една теорија дека Хана навистина починала, но дека било посвоено друго девојче на кое му било дадено истото име.

„Се разбира, нема шанса тоа да се провери“, навел портпаролот на „Бритиш консул“ и потврдил дека извесната Хана Гадафи учела англиски во Либија во нивното училиште.

Личноста што никогаш не постоела, мртвото дете или докторката, а можеби дури и комбинација на повеќе лица, сè се ова прашање што останале без одговор.

Животот по Гадафи

По смртта на Гадафи, состојбата во денешна Либија може да се објасни само со еден збор – хаос. Во земјата и понатаму владее беззаконие. Насилството, трговијата до бели робје, префрлањето мигранти во Европа. Сето ова е секојдневица.

Од тогаш со земјата управуваат две спротивставени влади, едната со седиште во Триполи, а другата на истокот на Либија. Двете влади имаат поддршка од многубројни вооружени групи, кои имаат власт на теренот.

Scroll to Top