Познатиот приватен детектив од Сан Франциско, Џек Паладино, починал во понеделникот во болница од повредата на главата што ја добил за време на грабеж минатата недела.
Инцидентот се случил во четвртокот кога Паладино излегол од својата куќа за да ја испроба новата камера. Покрај него застанал автомобил, од кој излегол маж кој го турнал Паладино на земјата. Полицијата вели дека од падот детективот удрил во плочникот и добил тешка повреда.
Паладино останал без свест, а неколку дена бил приклучен на апарати за одржување на животот. Лекарите не успеале да го спасат на крајот. Полицијата вели дека благодарение на неговата нова камера со која снимал тие успеале да го најдат осомничениот, кој веднаш бил уапсен.
„Паладино помогна во решавањето на сопственото убиство“, изјавил неговиот адвокат Мел Хоновиќ, кој објаснил дека Паладино бил столб на правната и професионална заедница.
„Тој беше цврсто убеден во правната постапка, правото на првиот амандман, особено на слободата на говор и слободата на медиумите. Изгубивме џин“, изјавил Хоновиќ.
Паладино со кариерата на детектив почнал во 1970 година кога сите приватни детективи на телевизиите биле претставувани како кул и гламурозни. Џек работел на многубројни познати случаи, од масакрот во Џонстаун до скандали со славните лица и политичарите.
Меѓу другите, тој ги истражувал и аферите на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и пејачката Кортни Лав.