(Видео) Викнале полиција мислејќи дека НЛО им се срушило во дворот

Семејство во Лас Вегас се јавило на 911 да пријави дека нешто им се урнало во дворот и дека виделе необично суштество. На видеото што го објави полицијата, се слуша како човекот кој се јавил со брат му и татко му биле во дворот и поправале камион, кога недалеку од нив нешто удрило во дворот.

„Видовме дека нешто паѓа од небото, беше светло, а кога удри во земјата, почувствувавме силен удар и некаков излив на енергија. Потоа слушнавме чекори. Како да ни се доближуваше нешто. Ги видовме остатоците од леталото, а до него некакво суштество високо 2,5 метри. Имаше уште едно такво суштество во урнатините и не гледаше со големи очи. Тогаш се јавивме на 911“, рече вознемирениот маж.

Додаде и дека се сигурни дека не станува збор за луѓе. Полициски службеници извршиле прелиминарна истрага, но велат дека не откриле ништо. Случајот бил затворен и означен како неоснован.

За потсетување, надзорниот комитет на Конгресот на САД е во фаза на подготовки за сослушувања за НЛО по непотврдените тврдења дека САД наводно пронашле соборен вонземјански брод.

Поранешниот разузнавач Дејвид Груш изјави дека американската влада има тајна програма која има за цел да поврати делови од урнати вселенски летала од вонземско потекло и дека се обидуваат да утврдат како функционира оваа технологија, пишува технолошкиот портал The Debrief.

Неговата изјава наиде на остри критики, а највисокиот републиканец во Претставничкиот дом, претседателот на разузнавањето Мајк Тарнер, исто така изрази скептицизам за тоа дека американската влада пронашла вонземјани.

Груш рече дека доставил докази за таква програма до Конгресот и до Канцеларијата на генералниот инспектор за разузнавачката заедница, пренесе The ​​Debrief.

Scroll to Top