(Видео) За разлика од Илон Маск и Џеф Безос, Бил Гејтс не го интересира испраќањето луѓе на Марс

Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, не ги дели амбициите како Илон Маск и Џеф Безос, кои во иднина планираат да испратат луѓе на Марс. За разлика од него, основачот на „Тесла“, Маск, до 2050 година планира да испрати луѓе на Црвената планета со своите ракети „Спејс икс“.

„Јас не сум некој љубител на Марс“, изјавил Гејтс во поткастот „Свеј“ на Кер Свишер, каде што одговарал на прашањата и иницијативите за вселенските патувања на своите колеги од клубот на милијардери – Илон Маск и Џеф Безос.

„Не ги гледам ракетите како решение за иднината. Но, можеби е и до мене. Може и мене нешто ми недостига“, додал Гејтс објаснувајќи му на водителот дека купувањето вселенски карти, не е на неговата листа на желби.

Место да инвестира во патувањата на Марс, Гејтс вели дека повеќе го интересира како се трошат парите во пронаоѓањето вакцини.

„Пред да се зафатам со каква било работа и да почнам да трошам пари, секогаш прво нешто што ми паѓа на памет е да помислам дека можам да потрошам 1.000 долари на вакцини против морбили и да спасам многу животи“, изјавил Гејтс.

Фондацијата, која се води на негово и на името на неговата сопруга, „Бил и Мелинда Гејтс“, вложува милиони во истражување и развој на вакцини против морбили и Ковид-19.

За потсетување, таквата негова пракса на финансирање иницира голем број теории на заговор дека тој преку своите фондации, всушност, сака да ги чипира луѓето и на тој начин да ја преземе целосната контрола над популацијата.

Гејтс во шоуто ја промовира и својата нова книга – „Како да се избегне климатската катастрофа“, а го пофали Илон Маск и рече дека неговите електрични автомобили се еколошки прифатливи за општеството.

„Важно е да се каже дека тоа што го направи Маск со ‘Тесла’ е еден од најголемите придонеси за климатските промени што некој некогаш ги направил. Неговото потценување не го гледам како добра идеја“, изјавил Гејтс.

Ваквите пофалби од страна на Гејтс, за многумина, се изненадување ако се земе предвид дека двајцата во минатото си разменија неколку навредливи коментари. Првин Гејтс му порача на Маск да не му се меша во неговите експертски области поврзани со Ковид-19.

На тоа Маск му возврати нарекувајќи го легендарниот прогрмер на софтвери со погрдни имиња.

За потсетување, според индексот на милијардери на „Блумберг“, Гејтс води на листата на милијардери пред Маск и Безос. Како што пренесуваат медиумите, тој може да си дозволи да вложува многу помалку од нив двајцата кога станува збор за колонизацијата на Сончевиот систем.

Гејтс не мора да троши на вселенските патувања со ракети за повеќекратна употреба, како што тоа го прават неговите конкурентски компании „Спејс икс“ и „Блу ориџин“.

Авиокомпанијата на Џеф Безос била успешна во тој поглед, но за разлика од онаа на Маск, тој сè уште нема испратено луѓе во орбитата. Но, по оставката од местото извршен директор во „Амазон“, многумина предвидуваат дека сега ќе има повеќе време да поработи на ѕвезденото небо и на планот да ги испрати првите луѓе со своите ракети во вселената.

Извор/Курир.рс

Scroll to Top