Во авионска несреќа загина сведокот во судскиот процес против Нетанјаху

Сведокот во судскиот процес против експремиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, Хаим Гарон, загина во авионска несреќа. Со него била и неговата сопруга Ести.

Несреќата се случила во Грција, кога Хаим и Ести патувале кон Македонија, пренесоа некои од медиумите. Тие патувале со мал приватен авион од типот „цесна 172“, а се урнале во близина на грчкиот остров Самос, каде требало да направат кратка пауза.

„Тој многу сакаше да лета. Го купи авионот заедно со негов партнер за да можат редовно да летаат во странство. Тој беше одговорен пилот и не можеме да сфатиме што се случи“, изјавил роднина на Гарон.

Гарон, кој е поранешнен заменик-директор на израелскиот Директорат за информации, беше сведок на обвинителството во судскиот процес против Нетанјаху. Експремиерот е обвинет за измама, злоупотреба на доверба и примање мито во три случаи на корупција. Во еден од нив, тој е обвинет дека промовирал закони и правилници кои му донеле стотици милиони долари на сопственикот на телекомуникацискиот гигант „Безека“ во замена за позитивно информирање на сајтот „Вала“. Гарон требаше да сведочи за усвојувањето на тие регулативи.

Scroll to Top