Во Египет постои езеро на смртта, во кое сè што ќе се доближи до дното умира. Соленото подводно езеро е на само два километри од брегот на Египет и се смета за едно од најекстремните средини на Земјата. Се верува дека настанало пред милиони години.
На дното на Црвеното Море неодамна е откриен редок басен на смртта, кој би можел да укаже како изглед животот на другите планети. Истражувачи од Универзитет во Мајами, додека го испитувале заливот Акаба, наишле на басени со солена вода, кои се наоѓаат на 1,6 километри под површината на морето.
Рекоа дека тие најевројатно содржат потенцијални антиканцерогени соединенија, настанати врз основа на биоактивни молекули претходно изолирани од микробите во базените со солена вода во Црвеното Море. И покрај нивните корисни својства, басените не содржат кислород, што ги прави исклучително опасни.
„Секое животно што ќе залута во солената вода веднаш се зашеметува или умира“, рече истражувачот Сем Паркис за списанието Live Science, а пренесе британски „Мирор“.
Додаде дека предаторите чекаат во близина за да се прехранат со несреќните суштества кои залутале. Басените би можеле да дадат одговори и на прашањето како се формирале океаните на Земјата пред милиони години. Паркис верува дека додека човештвото не ги разбере границите на животот на Земјата, ќе биде тешко да се одреди дали вонземските планети можат да бидат домаќини на живи суштества.
„Нашето откритие на богата заедница на микроби кои преживуваат во екстремни средини може да помогне во трагањето на границите на животот на Земјата и може да се примени во потрагата по живот на друго место во нашиот сончев систем и пошироко“, рече тој.
Истражувачите го откриле овој простор со помош на далечински управувано подводно возило и ги објавиле своите наоди во списанието „Nature Communications“.
„Имавме многу среќа“, додаде Паркис.
Откритието е направено во последните пет минути од десетчасовното нуркање на истражувачите кај брегот на Египет.