Минатата година во Србија родени најмал број бебиња од почетокот на 20 век

Минатата година во Србија се родени најмал број бебиња од Првата светска војна до денес. Во текот на 2017 година позитивен природен прираст имало во само пет од вкупно 169 општини во Србија, објави порталот „Биз лајф“.

Во општините во Србија во 2016 година родени се најмалку бебиња од почетокот на 20 век,  вкупно 64.374, а ни проценките не се оптимистични затоа што демографите предвидуваат дека кризата со наталитетот ќе продолжи, дури и ќе се интензивира.

Проценките на демографите се темелат на фактот што ќе продолжи интензивната миграција на младите.

Тие проценки се поткрепени и од фактот што сè поголем број млади брачни двојки го одложуваат родителството или остануваат само на едно дете, додека бројот на абортуси и понатаму  е загрижувачки, наведува „Биз лајф“ повикувајќи се на податоците од Одборот за хумана репродукција на Српската академија на наука и уметност.

Алармантни податоци

Мирјана Рашевиќ, директорот од Центарот за демографско истражување на Институтот за општествени науки во Белград, оценила дека намалување на популацијата не е само реалност туку и „непосредна иднина на Србија“ .

„Врз основа на резултатите на различни истражувања можеме да прогнозираме дека кризата со наталитетот во Србија не само што ќе продолжи туку и ќе се продлабочи во времето кое доаѓа. Поради тоа, неопходно е подобрување на општите општествени услови, и силен политички одговор во целта за поттикнување на раѓањето“, сугерира Рашевиќ.

Таа нагласи дека како компаративна анализа со европските земји се покажува дека „силниот финансиски поттик за раѓање  деца во Србија не е доволно ефикасен“.

Владата на Србија уште во јануари 2008 година ја усвои Стратегијата за поттик на раѓањето, но тој документ  е донесен во време кога светската економска криза наруши голем број планови. Поради тоа експертите советуваат  Советот за популациона политика на Владата на Србија да направи ревизија на актуелната стратегија.

Алармантните податоци за депопулација во Србија се слушнаа на неодамнешниот форум на Економскиот институт за храна за Европа кога беше предупредено дека бројот на жители се намалува за дури 86% во српските села, и дека околу 1200 села се во процес на исчезнување, а тоа територијално опфаќа површина еднаква на Косово.

 

 

 

 

Scroll to Top