Америка го напушта УНЕСКО, а истото го најави и Израел

Соединетите Американски Држави излегуваат од УНЕСКО, а одлуката ќе стапи на сила на 31 декември, објави во четвртокот Стејт департментот.

„Одлуката не беше лесно донесена“, велат од Стејт департментот појаснувајќи дека таа меѓу другото е резултат на загриженоста на САД околу заостанатите долгови на УНЕСКО и околу противизраелската пристрасност, како и фактот дека Вашингтон смета дека на организацијата ѝ се потребни темелни реформи.

САД ќе го задржат статусот на набљудувач во организацијата на ОН за образование, наука и култура, објаснуваат од Стејт департментот.

САД престанаа да го финансираат УНЕСКО откако таа организација гласаше Палестина да стане нивна членка во 2011 година, но Стејт департментот тогаш ја задржа својата канцеларија во Париз. Тоа се случи во време на мандантот на Обама.

Најновата одлука на администрацијата на Трамп доаѓа во моментите кога УНЕСКО го бира новиот шеф. Шефицата на УНЕСКО, Ирина Бокова, изрази длабоко жалење поради таквата одлука на САД.

Одлуката наводно е поврзана со фактот што американската администрација сака да го намали финансирањето на таа организација, која должи 500 милиони долари.

Ова ќе биде вторпат во историјата Американците да се повлекуваат од УНЕСКО, по администрацијата на Реган, која го направи тоа во 80-тите години. Тогаш се сметаше дека организацијата е корумпирана. Џорџ Буш помладиот во 2002 година ги врати САД под крилјата на оваа организација.

По САД, и Бенјамин Нетанјаху најави излегување на Израел од УНЕСКО.

Израелскиот премиер изјави во четвртокот дека Израел се подготвува за излегување од УНЕСКО, неколку часа откако САД објавија дека ја напуштаат Агенцијата за образование, наука и култура на ОН.

Израелскиот премиер ја нарече американската одлука „храбра и морална“, се наведува во соопштението.

Во истото се додава и дека израелскиот премиер му наложил на Министерството за надворешни работи да почне со процесот за напуштање на УНЕСКО.

САД во четвртокот ја известија Агенцијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО) дека го повлекуваат членството обвинувајќи ја организацијата за противизраелско дејствување.

Вашингтон веќе на почетокот на јули најави дека има намера да го преиспита својот однос кон УНЕСКО, по одлуката на телото на главната светска организација стариот јудејски град Хеброн на Западниот брег да го прогласи за палестинско богатство на пописот на светското наследство.

 

 

Scroll to Top