Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, изјавил дека Еквадор се обидува да го укине неговиот азил во амбасадата во Лондон и да го предаде на САД.
Како доказ Асанж ги споменал новите правила на однесување кои му биле изречени внатре во Амбасадата на Еквадор, пренесува „Ројтерс“.
Основачот на Викилкс од 2012 година се наоѓа во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Тој преку сослушување што се одвивало преку преку телеконференција се обидувал да ја оспори одлуката на владата на Еквадор, која од него бара да си ги плати лекарските и телефонски сметки и подобро да води сметка за својата мачка.
Асанж на сослушувањето истакнал дека претседателот на Еквадор, Ленин Морено, веќе одлучил да му го укине азилот, но и дека официјално не била издадена наредбата, пренесува „Ројтерс“.
Државниот адвокат на владата на Еквадор, Индиго Салвадор, не одговорил директно на тврдењата на Асанж.
Julian Assange claims Ecuador is trying to end his asylum and hand him over to US https://t.co/cmwPHEB6bK pic.twitter.com/YcPBr86aam
— The Hill (@thehill) October 29, 2018
Салвадор минатата недела изјавил дека Асанж е добредојден да остане во амбасадата, но под нови услови, а дека властите на Велика Британија во август му ветиле дека нема да биде испорачан на САД доколку ја напушти амбасадата.
Персоналот на Амбасадата на Еквадор во Британија се пожалил дека Асанж возел скејтборд низ ходниците во амбасадата, играл фудбал на тревникот и дека безобразно се однесувал кон обезбедувањето.
Владата на Еквадор се пожалила и на неговото коментирање на чувствителните политички проблеми во другите држави, вклучувајќи го и текстот во кој Асанж се занимава со сепаратистичкото движење во Каталонија. Салвадор истакнал дека новите правила имаат за цел да се изборат со овој тип однесување на Асанж.