Откако Нил Армстронг на 20 јули 1969 година, за првпат стапна на Месечината, многумина очекуваа дека во иднина и други астронаути сè почесто ќе патуваат на земјениот сателит.
Сепак по Јуџин Сернан и Харисон Шмит во мисијата Аполо 17, во 1972 година, веќе повеќе од 50 години човекот нема патувано на Месечината. Од НАСА ветија дека тоа наскоро ќе се промени и се планира да испратат астронаути веќе во 2025 година.
Поранешниот астронаут на НАСА Џим Брајденстин има обајснување зошто човекот повеќе од пет децении нема отпатувано на Месечината. Тој објасни дека тоа не е резултат на технолошките или научни ограничувања туку вината ја префрли на политичарите.
„Да немаше политички ризик, сега ќе бевме на Месечината. Веројатно сега би биле и на Марс. Токму политичките ризици го спречија тоа да се случи. Програмата траеше премногу долго и чинеше премногу пари“, рече Брајденстин човекот кој ја водеше агенцијата за време на администрацијата на Трамп.
За време на посетата на Месечината, астронаутите на НАСА оттаму собираат камења, прават фотографии и експерименти. Од американската вселенска агенција велат дека во иднина сакаат да го унапредат лунарниот вселенски брод Орион, со цел да им се овозможи на астронаутите подолг престој.
Шефот на НАСА, Хауард Ху, минатата година за „Би-би-си“, рече дека луѓето уште во следната деценија би можеле да се преселат и живеат на Месечината.
„Ќе имаат живеалишта на Месечината и ровери со кои ќе се вози по неа. Ова е проект на НАСА на кој се работи“, рече Ху.