Интервјуто кое неодамна го даде принцот Ендру за Би-би-си во врска со случајот на педофилија и неговото познанствво со Џефри Епстајн е најголемата катастрофа што се случила во кралското семејство по 1997 година, кога загина принцезата Дајана.
Обидите на принцот Ендру да ги разјасни своите пријателски односи со американскиот милијардер педофил Џефри Епстајн во интервјуто кое го даде за британската телевизиска мрежа е фарса, пишува „Блумберг“ на својот сајт.
Британскиот принц Ендру во интервју за „Би-би-си“ за првпат категорички ги отфрли наводите дека имал сексуален однос со Американката Вирџинија Робертс, која го обвини за сексуална злоупотреба во периодот кога таа била малолетна.
Робертс тврди дека синот на кралицата Елизабета трипати сексуално ја искористил во периодот од 2001 до 2002 година, кога таа имала само 17 години. Немилите настани се случиле во Лондон, Њујорк и на приватниот имот на Џефри Епстајн, на американските Девствените Острови.
Повеќечасовното интервју веднаш стана ударна тема на социјалните мрежи. Имаше голем број реакции, а малку од нив беа во прилог на принцот.
Многу медиуми и аналитичари оцениле дека принцот не е ни во состојба да ги усогласи своите факти и вистина која ја зборувал во интервјуто. Неговите одговори предизвикаа осуда од јавноста, особено во делот кога зборувал за периодот од четири дена кога престојувал во вилата на Епстајн во 2010 година. Тој кажал дека отседнал во вилата затоа што му било „згодно“, а неколку месеци подоцна, повторно го посетил ова место, веднаш откако Епстајн бил ослободен од домашен притвор, во кој се наоѓал поради злоупотреба на малолетничка.
Медиумскиот експерт Марк Стивенс вели дека ова интервју претставувало катастрофална грешка и објаснил дека ваквата стратегија има смисла само ако имате целосен и јасен одговор на секое прашање, а во интервјуто на Ендру имало премногу несигурни одговори.
Принцот веќе со месеци се наоѓа под притисок поради врската со Епстајн. 66-годишниот американски милијардер Епстајн, откако беше обвинет за сексуална злоупотреба по вторпат, изврши самоубиство, обесувајќи се во својата ќелија во затворот во Њујорк, додека го чекаше почетокот на неговото судење.
„Не се сеќавам на тие жени, сè е заговор“ – принцот Ендру за случајот со педофилија и Епстајн