Реставраторите на познатата готска црква во Германија открија богатство скриено во статуа од пред речиси 400 години.
Четирите вреќи со монети од 1600-тите најверојатно биле скриени за време на Триесетгодишната војна, кога шведските војници често ја ограбувале областа.
Откритието раскажува неверојатна приказна, вели Улф Дрегер, куратор и шеф на оддел во покраината Саксонија-Анхалт. Реставраторите ги пронајдоа парите и богатството пред две години, но откритието беше објавено неодамна.
Богатството било скриено во ногата на една од статуите во црквата Свети Андреј во Ајслебен. Токму во црквата Мартин Лутер, протестантскиот реформатор кој напиша 95 тези против корупцијата во Римокатоличката црква, ги одржа своите последни четири богослужби во 1546 година.
Сто години подоцна, околу 1640-тите, некој ја користел црквата како засолниште за богатство. Во шупливиот крак на статуата од песочник биле скриени четири полни вреќи со 816 монети.
„Чудо е што богатството не беше откриено порано“, вели Дрегер, пренесува РТС.
Ќе биде потребно долго време за експертите за монети да ја проценат вредноста на целото богатство, но првата проценка сугерира дека тоа е од голема вредност.
„Далеку повеќе отколку што би можел да заработи вешт мајстор за една година“, додава Дрегер.
Највредните монети биле завиткани во хартија и означени така што се знаело дека припаѓаат на црковната ризница.
„Сепак, ова не се пари од донации за време на неделните богослужби, туку она што свештениците го собраа од специјалните служби – свадби, крштевки и погреби“, објасни Дрегер.