Полубратот на американската глумица Британи Марфи, Тони Бертолоти, тврди дека неговата сестра починала под мистериозни околности и дека најверојатно станува збор за убиство. Британи почина во 2009 година на 20 декември на нејзина 32-годишна возраст.
Како причина за смртта се наведени воспалување на белите дробови во комбинација со анемија и употреба на различни лекови. Нејзината мајка и сопруг ја пронашле како лежи без свест во бањата во нејзиниот дом во Беверли хилс. Пет месеци по нејзината смрт, во оваа вила беше најден мртов и нејзиниот сопруг Сајмон Монџак.
Сајмон бил пронајден мртов во истата просторија. Причината за неговата смрт била идентична како и во случајот на неговата покојна сопруга.
„Тоа беа трагични случајности“, изјавил тогаш командантот на полицијата на Лос Анџелес, Ендру Смит.
Таткото на Британи со години тврдел дека неговата ќерка била убиена. Во меѓувреме откако и тој починал во борбата да докаже дека смртта на Британи не е случајна, се вклучил и Тони Бертолоти. Тој во интервју за „Мејли онлајн“ истакнал дека Британи била здрава девојка, а му пречело тоа што неговата мајка и Сајмон не ја однеле во болница додека биле покрај неа.
„Мислам дека таа е убиена. Кој ја убил? Не умрела сигурно од природна смрт“, изјавил Тони.
Светските медиуми пишуваат дека мајката на Британи, Шерон, укажувала на присуство на токсини во куќата, но истражителите го исклучиле овој фактор како можна причина за нејзината смрт.
Тони верува дека оваа мистерија е поврзана со голем долг кој сопругот на Британи, Сајмон, го имал затоа што лошо го водел својот бизнис. Наводно имал шестоцифрен долг, а нејзиниот полубрат тврди дека Британи многумина ја сметале како добар начин да се дојде до пари, како и дека на поединци таа повеќе им вредела мртва, отколку жива.
„Морате да видите кој ги собра парите. Не знам. Секој пат кога нејзин филм ќе се емитува, некој добива пари. Кој ги зема парите, тој ја знае вистината. Околу Британи имаше група од 15 до 30 луѓе и не можете да ми кажете дека никој од нив не знае ништо. Кога би имал пари да ја истражам нејзината смрт, би открил сè“, вели Тони.