Британците ѝ порачаа на ќерката на Лавров да си ги спакува „Луј Витон“ куферите и да си замине од Лондон

Ќерката на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Полина Ковалева има 26 години и живее гламурозен живот во Лондон. Британските медиуми деновиве пишуваат на големо за нејзиното богатство кое го има и начинот на кој го стекнала.

Полина е ќерка на сопругата на Лавров, Светлана Пољакова, брак кој никогаш официјално не бил признат. Медиумите во Лондон пишуваат дека двете живеат убав и богат живот, но и дека перат пари. Властите се под притисок за тоа како двете сѐ уште не се на удар на одлуката за санкции.

Полина со мајка ѝ живеат во огромен стан вреден 4 милиони фунти во Кенсингтон. Нејзиниот „Инстаграм“ е полн со фотографии од нејзините одмори, кои изгледаат како да им нема крај. Таа е девојка која сака да се забавува, пишуваат британските медиуми.

Има студирано на приватен интернат во Бристол, а магистерски студии по економија и стратегија за бизнис завршила на  Империал колеџот во Лондон. Паралелно работела и во рускиот енергетски гигант „Гаспром“ во делот со спојувања и превземања бизниси.

Работела и за рударската компанија „Гленкор“. Нејзиниот биолошки татко не е многу богат, па оттука многумина се прашуваат како таа уште на 21-годишна возраст успеала да купила стан во Лондон. Единствениот финансиски извор на Ковалева е нејзината мајка.

Светлана е актерка и е неформална сопруга на Лавров. Според медиумите таа и ќерка ѝ треба да бидат пример од учебниците за тоа како може лесно да им се заплени имотот кои не можат да објаснат како легално го стекнале.

„Полина мора да ги спакува своите ‘Луј Витон’ куфери, да се збогува со нејзиниот британски живот и да го напушти Лондон и Обединетото Кралство. Доколку не може да објасни од каде ги добила 4,4 милиони фунти, нејзиниот имот мора да биде одземен според постапката за необјаснето богатство“, пишуваат медиумите.

Рускиот опозиционер Алексеј Навални претходно откри дека Пољакова и нејзината ќерка користат приватни авиони, јахти, куќи и хотели на бизнисменот Олег Дерипаска.

Една од фотографиите на профилот на Полина на Инстаграм беше токму од неговата јахта која Британците сметаат дека исто така треба да биде запленета.

Извор/vice

Scroll to Top