Данска е позната како една од најсреќните земји во светот, а многумина веруваат дека клучот за нивната среќа лежи во начинот на кој ги воспитуваат своите деца. Што точно го прави данскиот стил на родителство посебен и како можеме да го примениме во нашите семејства? Еве седум клучни совети откриени од Џесика Џоел Александар, Американка мажена за Данец и Ибен Дисинг Сандал, дански психотерапевт, во нивната книга „Данскиот начин на родителство“.
1. Оставете ги децата да си играат слободно
Данските родители веруваат во слободна игра без прекумерно мешање од возрасните. Наместо структурирани активности, тие ги поттикнуваат децата да ја истражуваат природата, да играат во групи од различни возрасти и самостојно да дизајнираат свои игри.
Совет: Однесете го вашето дете во природа – на плажа, парк или шума и оставете го да истражува. Слободната игра ја зајакнува самодовербата и социјалните вештини додека децата учат од своите врсници.
2. Бидете искрени со вашите деца
Искреноста е основата на данското родителство. Наместо претерано фалење („Ти сте вистински уметник!“), поттикнете го разговорот со прашања како: „Зошто ги избра тие бои?“.
Исто така, не избегнувајте тешки теми или детски емоции како лутина и тага. Читањето квалитетни книги и искрените разговори им помагаат на децата подобро да се разберат себеси и светот околу нив.
3. Негувајте семејно заедништво
Hygge, данскиот концепт на удобност и заедништво, е клучен дел од нивните животи. Тоа вклучува поминување квалитетно време со семејството – играње игри на табла, заеднички активности како лов на богатство или едноставно уживање во разговор.
Совет: Организирајте неделни семејни ноќи со едноставни активности кои поттикнуваат смеа и поврзување.
4. Реинтерпретирајте ги негативните ситуации
Кога детето се жали, наместо да се фокусирате на проблемот, помогнете му да ги најде позитивните аспекти. Ако вели дека не го сака училиштето, потсетете го на предмети или активности во кои ужива, како на пример часови по уметност.
5. Избегнувајте ултиматуми
Данските родители поставуваат правила со почит, без авторитарен став. Наместо ултиматум („Стоп сега!“), тие ги објаснуваат правилата и му даваат доверба на детето.
Ако ситуацијата стане напната, родителите често се повлекуваат за да се смират пред да го продолжат разговорот.
Совет: Кажете: „Гледам дека си многу вознемирен. Кога ќе се смириш, ќе ти биде полесно да разговараш. Дојди кога ќе бидеш подготвен“.
6. Научете емпатија
Данските родители веруваат дека емпатијата е клучна за развивање сочувствителни и грижливи поединци. Покажете му на детето слики од луѓе со различни изрази на лицето, прашајте како мислат дека се чувствуваат овие луѓе и зошто.
Совет: Разговарајте за чувствата во секојдневните ситуации и научете го вашето дете како да ги препознава емоциите кај другите.
7. Оставете ги сами да ги решаваат конфликтите
Кога се појавува конфликт во паркот, честопати имаме тенденција да интервенираме. Данските родители го советуваат токму спротивното – оставете го детето самостојно да се справи со ситуацијата, освен ако не е во опасност.
Совет: Кога ќе почувствувате потреба да интервенирате, застанете и почекајте. Ова му дава можност на детето да развие вештини за преговарање и самостојно решавање проблеми.
Данскиот начин на образование е фокусиран на развој на независност, емпатија и поврзаност, сето тоа преку едноставни секојдневни навики. Иако можеби нема да можеме целосно да го усвоиме нивниот стил, секое семејство може да примени барем некои од овие совети за посреќен и поурамнотежен семеен живот.