Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, открил дека внимателно го следел самоубиството на поранешниот генерал на Босна и Херцеговина Слобода Праљак во судот во Хаг пред три години и размислувал за истото додека бил во Амбасадата во Еквадор во Лондон.
Асанж размислувал да се самоубие како поранешниот хрватски генерал, изјавила докторката Сондра Крозби за време на сослушувањето во судот во Лондон, каде што се води процесот за негово испорачување во САД.
Таа изјавила дека забележала видно влошување на неговата ментална и физичка состојба, по нејзините четири посети во амбасадата во која Асанж живеел, како и во февруари 2018 година, кога Австралиецот помислил да изврши самоубиство, следејќи го примерот на Праљак.
Според нејзините зборови, Асанж ѝ признал дека го сопрел кадарот во моментот кога Праљак го испил отровот и го анализирал неговото лице.
Неговите адвокати истакнале дека Асанж навистина би можел да изврши самоубиство, доколку биде испратен во САД, каде што го товарат за шпионажа, и укажале на неговата влошена ментална состојба по седумгодишниот престој во Амбасадата во Еквадор и од неговото исфрлање од таму, во април 2019 година и пренесување во британски затвор.
Крозби изјавила дека за време на посетата на Асанж во затворот Белмарш во Лондон, во октомври минатата година, забележала дека тој бил многу депресивен и постојано зборувал дека во текот на денот дури 1000 пати размислувал за самоубиство.
Психологот Најџел Блеквуд изјавил од друга страна дека со ризикот за Асанж да се самоубие може да се управува.
„Факторите на ризик може да се променат. Асанж е многу издржлив и снаодлив човек, кој е на најблискиот крај од спектарот на аутизам. Сепак, тој работи на високо ниво на водење на многу успешна организација“, изјавил Блеквуд.
Сослушувањето на Асанж за екстрадацијата треба да трае до почетокот на октомври.