Две третини од Русите сметаат дека постои глобална светска влада

Речиси две третини од Русите веруваат во постоење светска влада во сенка, а повеќето од нив веруваат дека таа непријателски се однесува кон нивната земја. Ова го покажува неодамнешно истражување на американската агенција за истражување на јавното мислење VRSIOM.

Резултатите од истражувањето агенцијата ги објавила во средата, а тие покажуваат дека 67 отсто од анкетираните Руси веруваат дека постои тајна светска влада.

21 отсто од нив велат дека ја отфрлаат можноста за постоење, а преостанатите биле неодлучни.

Само пред две години околу 45 отсто од нив изјавиле дека веруваат во постоење глобална влада, а повеќе од 30 отсто ја отфрлиле ваквата идеја, напомнале истражувачите.

Истражувањето исто така покажало дека поголемиот процент на оние што веруваат дека таква влада постои се оние постарите (дури повеќе од 70 отсто), но меѓу луѓето од 18 до 34 години исто така процентот бил значително голем – дури 55 отсто.

Околу третина од оние што веруваат дека постои рекле дека не можат да дадат никакви докази што ја поткрепуваат теоријата за светска влада.

Тие што можеле споменале разни докази. Навеле дека постојат меѓународни организации, како Обединетите нации, но и НАТО.

Околу 74 отсто од оние што веруваат дека постои светска влада мислат дека таа има непријателски однос кон Русија, а само 10 проценти велат дека владата во сенка дејствува во најдобар интерес на Русија.

На прашањето кои се членовите на светската влада, 23 отсто изјавиле дека тие биле началници и сопственици на големи банкарски групи и други олигарси.

Осум проценти изјавиле дека се работи за високи американски политичари, а шест проценти споменуваат политички лидери и други народи. Само два процента од испитаниците сметаат дека Владимир Путин е член на владата во сенка, а дури помалку од еден процент сметаат дека американскиот претседател Доналд Трамп го зазел местото во глобалната влада.

Уште една анкета која е спроведена од страна на VTSIOM во април покажала дека 49 отсто од Русите сметаат дека нивната земја е голема светска сила, што претставува пад од пред една година.

Но, речиси третина од испитаниците изјавиле дека очекуваат Русија да стане водечка нација во идните 10-15 години.

На прашањето која е причината поради која нивната земја е почитувана, 26 отсто од нив изјавиле дека тоа е поради војската, 22 отсто изјавиле дека е поради силниот дух и волјата на рускиот народ, а 17 отсто му го припишуваат тоа на успехот на добриот и моќен претседател Владимир Путин.

 

 

 

 

 

Scroll to Top