Поранешен директор на филијала во „Данске банк“ Хауард Вилкинсон кој наводно открил перење на пари во банката каде работел, сега повторно открива дека голема европска банка помогнала во сомнителна трансакција во вредност од 150 милијарди долари.
Хауард Вилкинсон, тврди дека во целиот процес биле вмешани уште две американски банки.
Трансакцијата, во вкупна вредност од 200 милијарди евра (228,5 милијарди долари), која била реализирана преку мала подружница на „Данске банка“ во Естонија, во периодот од 2007 година до 2015 година, предизвикала покренување на истраги во Данска, Естонија, Британија и САД.
„Претпоставувам дека 150 милијарди долари минале низ таа конкретна банка (европска банка) во САД, изјавил Британецот Вилкинсон, притоа не откривајќи го името на таа банка.
„Никој не знае каде завршиле тие пари. Се што знаеме дека последни ги виделе луѓето од три големи банки во САД. Тие биле последниот контролен пункт и кога контролата завршила, парите влегле во глобалниот финансиски систем“, изјавил Вилкинсон.
„Данске банка“, преку естонските подружници го користеле глобалното присуство на „Дојче банка“, „ЈП Морган Чејс“ и „Банк Америка“, а преку имињата на своите клиенти, странските валути ги конвертирала во американски долари во периодот од 2007 година до 2015 година, тврди неименуван извор за „Ројтерс“.
„Дојче банка“ и „ЈП Морган“ одбиле да ги коментираат ваквите тврдења, додека во „Банк Америка“ не биле веднаш достапни за коментар, наведува британската агенција.
Вилкинсон, кој во парламентот изјавил дека „Данске банка“ му понудила пари во замена за да не го открива скандалот, не очекува дека истрагата во овој случај ќе ги однесе некаде.
„На крај сме на 2018 година, а разговараме за валкани пари од периодот од 2007 година до 2015 година. Нема никакви шанси да им се влезе во трага на тие пари и било кој криминалец да изгуби и еден цент“, заклучува Вилкинсон.