Јужнокореец вчера пребегнал од Јужна во Северна Кореја и засега не е познато дали е жив, пренесуваат тамошните медиуми. Тој бил виден како ја преминува границата на источниот брег од Демилитаризираната зона, која ги раздвојува двете Кореи околу 21 часот по локално време.
Војската веднаш спровела потрага која траела неколку часа, но, безуспешно. Од човекот се изгубила секаква трага и засега не е позната неговата судбина.
Сеул испратил порака до Северна Кореја, барајќи негова заштита. Познато е дека од почетокот на пандемијата, во Северна Кореја се води политика на стрелање на секој виден бегалец на самото место.
Во септември 2020, севернокорејските војници застрелаа и запалија функционер на јужнокорејските рибарски власти. Пјонгјанг кажа дека тоа било дел од нивните мерки против коронавирусот и се извини.
Рестрикциите што ги воведе Северна Кореја од почетокот на пандемијата значително го намалија бројот на пребегнувања во Јужна Кореја. Оваа граница е една од најутврдените и најчувани области на светот.