Владимир Путин, најверојатно, е најбогатиот човек на светот, сметаат многу теоретичари на заговор. Тие сметаат дека Путин е побогат и од основачот на компанијата „Амазон“, Џеф Безос, но не е возможно да се влезе во трага на изворите за неговото финансирање.
Според наводите на Кремљ, рускиот претседател заработува околу 133.000 долари годишно и живее во мал стан. Овој опис се вклопува во она што многумина го зборуваат за неговиот начин на живот. Поранешниот советник на руската влада Станислав Белковски неговото богатство го оценил на 70 милијарди долари.
Менаџерот Бил Бродер, неговиот познат критичар, тврди дека се работи за сума поголема од 200 милијарди долари. Овој податок го става далеку пред официјално најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, кого економскиот магазин „Форбс“ го процени на околу 150 милијарди долари.
Поради тоа е невозможно со сигурност да се утврди богатството на Путин. Документи од Панама, од 2015 година, откриваат дека Путин е многу побогат од тоа што го покажуваат владините документи.
Како претседател на Русија, неговото службено живеалиште е во Кремљ, во Москва. Но, повеќето од своето време рускиот претседател го минува во приградската владина резиденција надвор од Москва, под името „Ново Огарјово“. Путин наводно има пристап до 20 различни палати и вили.
Официјалните записи што Кремљ ги објави во 2016 година говорат дека Путин има многу скромен попис на недвижности. Извештајот вели дека тој е сопственик на мало земјиште и стан со гаража. Но, низ годините Путин е поврзан со голем број други недвижности. Најконтроверзна од нив е таканаречената „Тајна палата“.
Таа наводно е изградена за Путин, но користени се незаконски државни пари. Оваа епска вила наводно го чинела рускиот буџет околу милијарда долари. Има приватен театар и хелиодром со простор за три хеликоптери. Познатиот критичар на Путин, Борис Немцов, тврди дека Владимир Путин поседува повеќе приватни авиони, хеликоптери и јахти.
Немцов тврди дека од 20 државни резиденции до кои Путин има пристап, девет се изградени за време на неговиот мандат на местото претседател на Русија. Путин исто така е обвинет дека поседува 58 различни типови авиони, вклучувајќи го и Dassault Falcon.
За еден од неговите авиони се тврди дека има кабина од 11 милиони долари опремена со скапоцености и тоалет што чини околу 100.000 долари. Овој авион има простор за 186 патници. Путин го обвинуваат дека има пет вакви авиони. Исто така се тврди дека Путин има колекција на четири јахти, а за нивно одржување потребни се неколку илјади долари. „Русија“ е една од неговите јахти од 2005 година. Направен ѝ е ремонт и е надградена. Тоа наводно чинело 1,2 милијарди долари. Втората негова јахта може да прими 14 луѓе и има шест спални соби.
Путин ја има и јахтата „Олимпија“. Наводно Русинот оваа јахта ја добил како подарок од олигархот Роман Абрамовиќ. Таа е голема 57 метри, а вреди 35 милиони долари. Според поранешниот шеф на државната бродска компанија во Русија, Путин управува со оваа јахта користејќи државни средства.
Путин исто така е човек кој се гордее со својот изглед. Едно досие од 2012 година тврди дека Путин има 11 часовници во вредност од 678.000 долари. Во минатото Путин ги подарувал своите часовници. Тој еден од часовниците му го подарил на момче од Сибир додека бил на одмор. Друг часовник му подарил на работник во фабрика кој од претседателот побарал подарок за спомен. Во извештајот е наведено дека секој часовник поединечно вреди по 10.500 долари.
Бен Џудо од „Њузвик“ поминал три години истражувајќи колку пари троши Путин на облеката. Тој во својата книга открил дека Путин најмногу сака костуми и вратоврски од брендот „Валентино“. Руското провладино списание Russia Beyond the Headlins ја потврдило неговата љубов кон скапата облека.
Во 2015 година објавен е текст во кој се тврди дека најомилен бренд му се „Китон“ и „Бриони“.
„Таквите костуми за рускиот претседател ги прави само еден кројач. Потребни се десетина часови за да се заврши костумот, а почетната цена се движи од 5.500 долари“, е наведено во текстот.
Според оваа листа, Путин исто така има стилист кој го облекува повеќе од 10 години.
„Стилистот ги отстранува сите етикети од облеката на Путин, за тие случајно да не го привлечат вниманието на новинарите“, пишува во текстот.
Во 2015 година Путин се фотографирал како вежба со поранешниот руски премиер Дмитри Медведев. Тогаш се појави и извештај дека неговиот долен дел од тренерките од кашмир од брендот „Лоро Пиана“ чини 1.425 долари. Во комбинација со горниот дел, тренерките го чинеле сè на сè 3.200 долари.
Поранешниот официјален претставник на Кремљ, Станислав Белковски, во 2007 година тврдел дека Путин има богатство во вредност од 40 милијарди долари, скриено во Швајцарија и Лихтенштајн. Во тоа време, ако овие податоци се точни, Путин би бил четвртиот најбогат човек на светот.
Тогаш Белковски изјавил дека Путин тајно контролирал 37% од акциите на „Сургутнефтегас“, 4,5% од „Гаспром“, двете џиновски нафтени компании. Исто така, Путин контролирал најмалку 75% од швајцарскиот трговец со нафта „Гунвор“, пренесува британски „Гардијан“. Белковски изјавил сомнеж и дека постојат и други компании за кои тој не знаел.
Портпаролот на „Гунвор“ во изјава за „Бизнис инсајдер“ ги отфрлил ваквите тврдења, велејќи дека Путин нема и никогаш немал никаква сопственост, бенефиции или што било од швајцарската компанија.
Претпоставките и проценките за тоа колку вреди богатството на Путин со време пораснале. Извршниот директор на Hermitage Capital Management, Бровдер, смета дека Путин има пристап до тајно богатство од 200 милијарди долари. Бровдер инвестирал во Русија во 1990 години, но на крајот влегол во конфликт со Путин.
Внатрешниот круг на Путин всушност е причината зошто никој не може со сигурност да ја утврди точноста на неговото богатство. „Гардијан“ во 2010 година известил дека од американски дипломатски канали има откриено дека Путин своето богатство го има зачувано преку неговите застапници, вклучувајќи ги и неговиот најдобар пријател Сергеј Ролдугин и банкарот Јуриј Ковалчук.