Кина го подмитила шефот на Светската здравствена организација

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео го обвини шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебрејесус, дека бил купен од Кина. Тедрос ги отфрли ваквите обвинувања, нарекувајќи ги невистини и неприфатливи.

„Тие коментари се невистини, неприфатливи и без никаква основа“, изјавил генералниот директор на СЗО Тедрос, за време на конференцијата за новинари, противејќи се на било каква политизација на пандемијата со коронавирусот.

Американскиот шеф на фипломатијата, во вторникот остро ја нападна Светската здравствена организација, за време на состанокот зад затворени врати, со британските пратеници во Лондон.

Наводно, Помпео ја нарекол организацијата „политичка“ и го обвинил докторот Тедрос дека го купила кинеската влада, на која ѝ го должи својот избор на чело на СЗО во 2017 година.

„Ако постои една работа која ни е важна и треба да биде важна за целата меѓународна заедница, тоа е спасувањето на животите. СЗО нема да дозволи да биде свртено вниманието на ваквите коментари“, објаснил Тедрос.

Одговорот на Тедрос кон Помпео е една од неговите најотворени изјави по повторените критики на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, упатени кон таа агенција на ОН за здравство.

Последните неколку месеци администрацијата на Трамп, во повеќе наврати го критикуваше одговорот на СЗО за пандемијата и неговата наводна послушност кон Пекинг.

САД на 8. јули официјално почна процедура на излегување од организацијата, која ја финансира со децении.

 

 

Scroll to Top