Климатските промени веќе се случуваат, тврдат научниците

Ледениот покривач на Гренланд содржи  количина на вода доволна да го крене нивото на сите мориња и океани за седум метри, велат научниците. Новата студија покажува дека Гренланд се топи со брзина незабележана во изминатите илјада години, пишува Дру Кан за Си-ен-ен.

Научното списание Nature пред неколку дена објави студија што покажува дека ледот на Гренланд во последните две децении почнал забрзано да се топи. Во студијата се вели дека од почетокот на индустриската револуција во  средината на 19 век, Гренланд бил релативно стабилен.

Денес ледената плоча се топи 50% побрзо отколку во прединдустриското време и 33% побрзо отколку во 20 век, сметаат научниците.

„Успеавме да докажеме дека ледената плоча на Гренланд денес се топи со незабележана брзина. Не знаеме што може да се случи во иднина“, вели Сара Дас, научник од Океанографскиот институт „Вудс Хол“ и коавтор на студијата.

За да откријат со колкава брзина се топи ледот, научниците користеле дупчалки со големина на семафор. Примероци се собрани од локацијата на 1.828 метри над морето, што овозможило подобар увид во топењето на ледот во текот на минатите векови.

Во октомврискиот извештај на ОН на овој Меѓународен панел за климатските промени, се предупредува дека човештвото има десетина години за да избегне климатска катастрофа. Оваа студија особено предупредува за милионите луѓе кои живеат покрај крајбрежјата.

Топењето на ледот на Гренланд придонесува за пораст на нивото на морето повеќе од кој било друг фактор. Поради тоа крајбрежните градови и населби се во опасност. Осум од десет најголеми градови во светот се сместени покрај морињата, а речиси 50% од глобалната популација живее во подрачја чувствителни на подигање на нивото на морето.

„Бидејќи Земјината атмосфера и понатаму се загрева, топењето наскоро може да биде побрзо и од порастот на температурите“, објаснува Лук Трусел, доцент на универзитетот Рован и коавтор на студијата.

Трусел вели дека во научната заедница во моментов преовладува мислењето дека постои температурна граница, по која задржувањето на ледот на Гренланд и Антарктикот нема да биде можно. Засега не се знае точно за кој лимит се работи, но очигледно е дека просечната температура на Земјата расте и дека ледот се топи со огромна брзина.

„Кога ледениот покривач ќе ја стигне таа граница, ќе почне неповратно исчезнување. Последиците од она што го сме го правеле и што го правиме денес ќе се чувствуваат илјадници години во иднината“, вели Трусел.

Сара Дас нагласува дека климатската наука често се фокусира на последиците од загревањето во иднина, а новите сознанија укажуваат на тоа дека климата веќе е променета.

„Климатските промени, било да се случуваат на Гренланд, било во нечиј двор, веќе стигнаа, веќе се случуваат и веќе влијаат на луѓето. Климатските промени не се нешто што нè чека во иднина. Оваа студија тоа јасно го покажува“, тврди Сара Дас.

 

 

Scroll to Top