Легендата вели дека бракот на Хари и Меган ќе биде пекол

Војвотката од Сасекс била бремена кога застанала пред олтарот. Била вљубена, но не во својот иден маж туку во својот роднина. Не е во прашање Меган Маркл, туку последната жена која ја носела титулата војвотката од Сасекс. Пред повеќе од 200 години црвенокосиот принц се вљубил во темнокоса постара девојка. Мрежата на љубов, лаги, измами и срам траела повеќе од 40 години.

Тогашната војвотка од Сасекс била лејди Августа Мареј, а нејзиниот сопруг бил принцот Август Фредерик, шестиот син на „лудиот“ крал Џорџ Трети. Наскоро тој ќе стане првиот војвода од Сасекс. Комплицираниот љубовен триаголник ги уништил животите на војводата, неговата сопруга и нејзиниот роднина Арчибалд Хамилтон.

Принцот Август е роден во Бакингемската палата. Како дете имал астма и бил испратен во странство на 13-годишна возраст. До 19. година живеел во Италија, каде ја запознал лејди Августа, која била пет години постара од него.

Таа била страсно вљубена во својот роднина, лордот Арчибалд Хамилтон, а некои веруваат дека лејди Августа побегнала од Британија во континенталниот дел од Европа за да го роди детето на Арчибалд.

Августа за време на престојот во Рим со својата мајка го запознала Август Фредерик. Принцот веднаш се вљубил во неа. Веќе по неколку недели ја побарал за сопруга. Тогаш тој имал 20 години, а таа 25 години. Тајно се венчале во хотел во Рим, а подоцна се тврдело дека церемонијата била незаконска.

Лејди Августа знаела дека ќе има проблеми, но не можела да одолее да стане членка на кралско семејство, запишал историчарот Кенет Роуз. Но, членовите на британското кралско семејство никогаш не ја признале. Двојката се вратила во Британија, сега со бебе на пат и се венчале повторно. За разлика од раскошната венчавка на принцот Хари и Меган Маркл, оваа церемонија била одржана во целосна тајност.

Двојката ја пуштала објавата за венчавката три недели по ред, како што налагал законот, но нивните имиња биле поинаку наведени за да се избегне публицитетот. На денот на венчавката, 5 декември 1793 година, кралот инсистирал на тоа лејди Августа никако да не се нарекува припадничка на кралското семејство.

Месец дена подоцна таа родила момче. Поради срамот, кралот го протерал Август Фредерик. Тој заминал во Италија, додека на војвотката ѝ било речено да остане со детето во Британија. Војводата повторно се вљубил, овој пат во една пејачка од Наполи, Џузепина Граси, со која бил во врска две години, додека војвотката повторно почнала да се гледа со својот роднина лордот Арчибалд. По пет години, војвотката повторно забременила. Иако тој првично го прифатил детето како негово, подоцна ги открил писмата кои го убедиле во спротивното.

Двојката била заедно 6 месеци кога војводата заминал за Португалија. Никогаш повеќе не ја видел Августа, која ја оставил буквално без скршен динар. До тогаш официјално биле во брак 7 години, иако заедно минале помалку од една година, период во кој и двајцата биле неверни. Според записите, војвотката заминала во Лисабон за да го принуди сопругот да ѝ даде пари. Се договориле да ѝ исплаќа 4000 фунти годишно.

За возврат требало да престане себеси да се нарекува војвотка од Сасекс, нешто на кое таа инсистирала, без оглед на кралската забрана. На крајот се договориле таа да го промени името во лејди Августа де Амеланд, а титулата е избрана по истражувањето на нејзиното потекло, нешто што било задача на дворските службеници. Нејзините деца, без оглед на тоа дали принцот им е татко или не, не добиле кралски статус, а на основа на потеклото на нивната мајка, добиле презиме Д’Есте.

Во меѓувреме војводата Август Фредерик станал татко на вонбрачно дете со жената со која живеел во близина на дворецот Виндзор. Тоа дете се викало Луси Буфој, кое подоцна станала прабаба на Ане Нигл, популарната британска актерка од 40-тите и 50-тите години од минатиот век.

Потоа Августа била протерана во Рамсгејт во Кент, каде што живеела сè додека не се открил скандалот со тајните уплати на нејзино име од кралските ризници.

Како што пренесувале тогашните медиуми, Августа примала дарежливи суми за услугите на плантажата Барбадоса, иако немала никаква врска со тоа. Тоа бил маневар на кралското семејство да ја исплати, без признание на фактот дека родила внук на кралот. Во малиот град Рамсгејт и понатаму била позната како војвотката од Сасекс. Кога починала на 69-годишна возраст една улица во градот била именува според неа, Сасекс стрит.

Лорд Арчибалд никогаш повторно не се оженил. Што се однесува до војводата Август Фредерик, тој чекал лејди Августа да почине за повторно да се ожени, со својата  долгогодишна љубовница лејди Сесилија Багин. Но, и понатаму не можел да живее во мир. И тој брак бил прогласен за ништовен затоа што немал кралска дозвола, па пред очите на судот Сеилија не му била повеќе сопруга отколку што тоа било случај со Августа. Војводата Август Фредерик бил до таа мера понижен и измачен од третманот на своето семејство, што на смртната постела одбил да биде погребан во Виндзор и побарал да го погребаат на јавните гробишта во Кенсал Грин, во северниот дел на Лондон.

 

 

Scroll to Top