Милијардерот Роберт Дарст по 40 години е обвинет за убиство на неговата сопруга Кетлин. Убиството за кое тој тврди дека е невин го направил уште во јануари 1982 година во Јужен Салем, соопштија од канцеларијата на окружниот обвинител во Њујорк.
Дарст кој е наследник на цела империја во областа со недвижности, пред две недели бил осуден за убиство и на неговата пријателка Сузан Берман. Судот во Калифорнија го осудил на доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Тој признал дека ја убил Сузан уште во 2000 година, во нејзиниот дом во Беверли Хилс, но, го негира убиството на сопругата. Обвинителството се сомнева дека Дарст ја убил Сузан за да не ги открие деталите за убиството на неговата сопруга Кетлин.
Кетлин исчезнала на 31 јануари во 1982 година по една расправија со Дарст. Од тогаш почнува 40 годишната сага во која се вклучени голем број кривични истраги, медиумски извештаи, книги и еден снимен филм и документарец, пишува „Њујорк тајмс“.
Кетлин кога исчезнала имала 29 години, а нејзиното тело никогаш не било пронајдено. На барање на семејството таа била прогласена за мртва во 2017 година. Дарст е уапсен во 2015 година, пред емитување на последната епизода на документарецот на HBO „Џинкс“ во кој се зборувало за случајот во кој тој наводно ја убил својата сосетка, случај во кој тој подоцна е ослободен.
За време на снимањето на документарецот во еден момент се чинело дека тој случајно го признал убиството, кога незнаејќи дека му е уклучен микрофонот, прошепотел во него: „Што направив? Очигледно е дека сите ги убив“.
Дарст минатата недела бил префрлен во затворската болница, откако претходно бил ставен на респиратор поради коронавирус во болницата во Лос Анџелес.