Моника Левински за аферата со Бил Клинтон: Имав само 22 години и штотуку бев излезена од колеџ, премногу незрела за да го гледам како најмоќниот човек на светот

Моника Левински, жената што ја понесе неславната титула на најпознатата љубовница во светот, неодамна во интервју за Си-ен-ен проговори за аферата со поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон. Таа рече дека тогаш била многу млада и имала само 22 години и дека штотуку дипломирала на колеџ. Моника објасни дека во тој период таа не ги сфаќала улогата и моќта на Бил Клинтон што ги имал, како што ја разбира сега.

„Тој беше најмоќниот човек на светот, мој шеф, и имаше 49 години, а јас само 22, штотуку дипломирав на колеџ. Во тие години мислам дека воопшто не можев да го разберам односот на моќта како што сега на 48 години го сфаќам сосема јасно“, рече Левински во емисијата на Џејк Тапер на Си-ен-ен.

Таа повторно се најде во центарот на вниманието затоа што нејзината приказна сега се раскажува и во серијата „Импичмент: Американска крими-приказна“. Моника работела како продуцент во серијата и рече дека во неа може да се видат некои аспекти од Бил Клинтон, кои претходно никој немал можност да ги забележи.

Што се однесува до неговиот лик во серијата, Левински навела дека ѝ е важно емисијата да не биде фотошопирана верзија од нејзиниот живот.

„Чувствував дека не треба да бидам привилегирана како продуцент и дека воопшто не треба да бидам привилегирана. Мислам дека е важно да се преземе одговорност за грешките, а јас напорно работев за да преживеам со сето тоа“, рече таа во интревјуто.

Поради аферата, од Клинтон беше побарана и негова оставка. Импичментот го преживеа и се чини дека успеа да продолжи да живее нормален живот за разлика од Левински, која цело време се мачела да го исчисти своето име.

Во една изјава во 2018 година поранешниот претседател невешто се бранеше и рече дека не ѝ должел никакво извинување.

„Не, не, никогаш немам разговарано со неа, но повеќепати јавно реков дека ми е жал. Тоа воопшто не е исто. Извинувањето беше за јавноста“, рече Клинтон.

Подоцна призна дека одбраната не му била баш најдобра и дека се чувствувал ужасно што аферата го дефинирала животот на Моника.

 

Левински, која стана позната благодарение на аферата со Клинтон, сега работи како активистка против малтретирањата и вознемирувањата на социјалните мрежи.

Scroll to Top