Прекрасен крајбрежен град, познат како врвна дестинација за одмор, изненадувачки ја заслужи титулата за најмалку погоден град за живеење во Европа, според неодамнешното истражување. Нешто помалку изненадувачки е што на листата се најдоа и неколку градови од нашиот регион.
Студијата на Европската комисија ги анкетира жителите во Европа, ги оценува градовите според клучните фактори, како што се домувањето, зелените површини и здравствената заштита, и состави листа на најлоши градови за живеење во Европа во 2023 година.
Додека повеќето Европејци изразуваат големо задоволство од своите животи, некои многу популарни туристички дестинации се дом на некои од најмалку задоволните жители на континентот.
Во продолжение видете кои се најлошите градови за живеење во Европа:
10. Подгорица, Црна Гора
Подгорица, главниот град на Црна Гора, е на 10-то место со најмало задоволство на жителите во Европа. И покрај атрактивното крајбрежје на земјата, што привлекува многу туристи, нејзиниот главен град не ужива исто ниво на интерес. Помалку од половина од жителите на Подгорица веруваат дека градот е добредојден за ЛГБТ-луѓето, а 22 отсто од нив изјавиле дека се чувствуваат осамено, пишува „Н1“.
9. Мишколц, Унгарија
Мишколц, индустриски центар во североисточна Унгарија и четврти по големина град во земјата, се бори со задоволството на жителите. Помалку од половина од жителите се чувствуваат безбедно на улиците ноќе, а помалку од 25 отсто веруваат дека е лесно да се најде добра работа во градот. Дополнително, локалниот здравствен систем не ги исполни очекувањата на многу жители.
8. Скопје, Македонија
Скопје, главниот град на Македонија, е меѓу европските градови со најниско ниво на задоволство на жителите. Само 13 отсто од нејзините жители веруваат дека квалитетот на нивниот живот е подобрен во последните пет години. Дополнително, помалку од 40 проценти од луѓето рекле дека чувствуваат оти може да им веруваат на другите во нивниот град.
7. Рим, Италија
Иако Рим е водечка туристичка дестинација во Европа, тој е лошо рангиран во однос на задоволството на жителите. Само три отсто од оние што живеат во италијанската престолнина веруваат дека квалитетот на нивниот живот е подобрен во последните пет години. Исто така, помалку од половина од жителите на градот веруваат дека Рим е соодветно место за живеење за стари лица.
6. Белград, Србија
Белград, главниот град на Србија, е меѓу градовите во Европа со најниско ниво на задоволство на жителите. Само 38 отсто од нејзините жители мислат дека може да им веруваат на своите сограѓани. А околу 60 отсто од нив се задоволни од вработувањето. Помалку од половина од населението во градот е задоволно од системот на јавен превоз.
5. Неапол, Италија
Неапол, вториот италијански град на листата на ниско задоволство од животот, се бори и покрај неговата популарност меѓу туристите. Само 66 отсто од жителите изјавиле дека се среќни што живеат во градот. Дополнително, само 58 отсто веруваат дека Неапол е соодветно место за млади семејства, а помалку од половина од населението се чувствува безбедно додека пешачи ноќе.
4. Тирана, Албанија
Тирана, главниот град на Албанија, е рангиран како еден од најнеповолните градови во Европа за живеење, а само 66 отсто од жителите изјавиле дека се задоволни од своите животни услови. Помалку од 30 отсто од луѓето веруваат дека ЛГБТК-луѓето се добредојдени во Тирана, а помалку од 40 отсто мислат дека градот нуди соодветни зелени површини.
3. Истанбул, Турција
Во Истанбул помалку од 40 отсто од жителите сметаат дека градот е соодветно место за стари лица, а помалку од половина се чувствуваат безбедно да се движат на улиците откако ќе се стемни. Довербата меѓу жителите е исто така ниска, а само 27 отсто веруваат дека може да се потпрат на другите во градот. Освен тоа, само 10 отсто од луѓето веруваат оти е лесно да се обезбеди добро и достапно домување.
2. Атина, Грција
И покрај тоа што е врвна туристичка дестинација, Атина е лошо рангирана во однос на задоволството на жителите. Само нешто повеќе од 20 отсто од нејзините жители лесно наоѓаат добра работа во грчката престолнина. Помалку од 40 отсто се задоволни од јавните простори во градот, а има и големо незадоволство од нивото на загаденост.
1. Палермо, Италија
Палермо, главниот град на Сицилија, има признание дека има најмалку задоволни жители во Европа. 62 отсто од неговите жители изјавиле дека се задоволни од животот во градот, а 4 отсто веруваат дека таму ќе најдат добра работа. Жителите исто така сметаат дека Палермо е претерано бучен, со само шест проценти оцена како чист. И покрај овие проблеми, приморскиот град останува многу барана дестинација за одмор.