Научници тврдат дека на 11 ноември се тресела целата планета

На 11 ноември научниците регистрирале сеизмички активности кои предизвикале потрес на целата планета.  Сеизмолозите досега не можат да утврдат која е причината за овој мистериозен земјотрес.

Иако никој не го почувствувал, научниците тврдат дека земјотресот се случил, а сеизмичките бранови траеле дваесетина минути. Епицентарот се наоѓа во Индискиот Океан, во близина на францускиот остров Мајот.

Мајот е остров што се наоѓа меѓу Мадагаскар и Мозамбик. На „Твитер“ се појавиле и фотографии што ја покажуваат аномалијата, а на истите се гледа дека тресењата се случиле од Чиле и САД, па сè до Нов Зеланд.

„Мислам дека никогаш не сум видел вакво нешто. Но, не мора да значи дека причината е нешто егзотично“, изјавил сеизмологот Горан Екстром од Универзитетот на Колумбија.

Засега останува мистерија дали земјотресот е предизвикан од вулканска активност или, пак, станува збор за некаков удар од метеорит.

Обично „нормалните“ земјотреси се краткотрајни појави кои предизвикуваат силен потрес кој завршува по неколку секунди. Но, подоцнежните поместувањата и бранови можат да потраат подолго. По ваквите удари, настануваат три видови бранови.

Првите два типа имаат високи фреквенции, а дури на крајот стигнуваат бранови со ниски фреквенции, како оние кои биле забележани кај островот Мајот. Поради ниските фреквенции, ваквите бранови можат да вибрираат како некакво ѕвоно и неколкупати да го обиколат светот.

Но, на необичните бранови со ниски фрекценции, кои се случиле на 11 ноември и кои вибрирале низ светот, не им претходеле примарни и секундарни бранови.

Геолозите поради ова се збунети, а едно од објаснувањата е дека се работело за таканаречен „сеизмички рој“, односно собир на истовремени помали потреси без конкретен почетен ударен шок.

 

Scroll to Top