Група научници во најновото истражување кое го направиле а кое е објавено во списанието Science Advances, веруваат дека го имаат одговорот за тоа како настанал животот на Земјата.
Тие веруваат дека теоријата на еволуцијата на Дарвин совршено го објаснува како животот еволуирал на Земјата, но едно парче од сложувалката во оваа приказна, наречено абиогнеза, сè уште не е целосно разјаснето.
Абиогенезата е името за природниот процес за настанување на живот од нежива материја, како што се едноставни органски соединенија. Се верува дека се случило пред 3,8 до 4,1 милијарди години, а научниците денес го истражуваат преку експерименти спроведени во лаборатории
Тие истражуваат како настанале првите самореплицирани молекули. Денес се верува дека животот на Земјата потекнува од молекулата на РНК (RNA world).
Иако првите биолошки молекули што се самореплицираат веројатно биле каталитички фрагменти од РНК, т.н. рибозими, сепак авторите на оваа студија велат дека за да се случи такво нешто потребна е некаква енергија.
Тие веруваат дека таа енергија најверојатно доаѓала од Сонцето или од топлата внатрешност на Земјата, низ хидротермалните отвори на дното на океанот. Тие веруваат дека енергијата била пренесена преку металите, кои се најдобри преносители на електроните.
Тие во студијата со помош на компјутер ги барале протеините што лесно се врзуваат за металот. Компјутерот бил дизајниран за да открие одредени заеднички карактеристики кои се совпаѓаат кај сите протеини, без оглед на нивната функционалност, организмите во кои се наоѓаат или металите со кои се врзуваат.
„Видовме дека јадрата на постоечките протеини кои се врзуваат за метал се навистина слични, иако самите протеини можеби не се“, рече микробиологот Јана Бромберг од Универзитетот Рутгерс-Њу Бранзвик во Њу Џерси.
„Исто така, видовме дека протеинските јадра што врзуваат метал често се составени од повторливи потструктури, како што се лего-коцките. Интересно е што овие блокови беа пронајдени и во други протеински региони, не само во јадрата што се врзуваат за метал, и во многу други протеини кои не се разгледани во нашата студија. Нашето набљудување сугерира дека преуредувањето на овие мали градежни блокови можеби имало еден или мал број на заеднички предци и довело до појава на цела низа протеини и нивните функции кои се моментално достапни – односно на животот каков што го знаеме“, додаде таа.
Студијата покажала дека биолошките функционалните пептиди, кои претставуваат еден вид на помали верзии на протеини, им претходеле на најраните протеини кои датираат од пред 3,8 милијарди години, период за кој научниците веруваат дека за првпат започнал животот.
„Имаме многу малку информации за тоа како настанал животот на оваа планета, а нашата работа придонесува за претходно недостапно објаснување“, рече Бромберг.
„Ова објаснување може потенцијално да придонесе и за нашата потрага по живот на други планети и планетарни тела. Нашето откритие за специфични структурни градежни блокови е исто така веројатно релевантно за напорите во синтетичката биологија, во која научниците сакаат да реконструираат специфично активни протеини“, заклучува Бромберг.