Активностите на луѓето ја менуваат климата на невидени и понекогаш неповратни начини, е наведено во големиот научен извештај на Обединетите нации за климатските промени.
Во извештајот на Меѓувладиниот панел за климатските промени, во Обединетите нации, е наведено дека светот е сè поблиску до неконтролирано загревање, за што недвосмислено виновни се луѓето.
Студијата предупредува на сè поекстремните топлотни бранови, суши и поплави, како и на тоа дека клучната граница на температурата ќе биде пробиена за нешто повеќе од една деценија, пренесува „Би-би-си“.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, извештајот на работната група IPCC, го нарече црвен аларм за човештвото.
Но, научниците велат дека катастрофата може да се избегне, само во случај светот да делува брзо.
Ограничувањето на глобалниот раст на температурите за еден ипол степен, ќе биде недостижно без итено брзо и опсежно намалување на гасовите со ефект на стаклена градина, е оценето во извештајот на IPCC.
Утврдено е дека владите мораат да ги преполоват емисиите на штетни гасови до 2030 година, како би имале најдобри шанси за ограничување на порастот на температурата за еден ипол степен.
Во извештајот од 3000 страници се наведува дека во последната деценија, арктичкиот морски лед на е на најниско ниво од 1850 година, а глобалниот пораст на нивото на морето од 1900 година, е најбрз во последните 3000 години.
Се очекуваат екстремни временски прилики, од бури до топлотни бранови, кои ќе станат се полоши и почести во иднина. Научниците предвидуваат дека нивото на морето ќе продолжи да расте во наредните стотина па и илјада години.
Тие предвидуваат дека нивото на морето на глобално ниво ќе порасне до два метри до 2100 година, а до 2150 година и до пет метри. Речиси сите земји го потпишаа Парискиот климатски договор во 2015 година, кој има за цел да го ограничи глобалното затоплување на два степени Целзиусови, а идеално, најмногу на еден ипол до 2100 година.
Панелот се состои од независни експерти кои на владите и организациите им даваат предлози како би се овозможил најдобар можен научен консензус за климатските промени.