Опстанокот на човештвото е доведен во прашање, предупредуваат од ОН

Сè позачестените и посложени ризици од глобалното затоплување, до загадувањето и епидемиите, се закана за опстанокот на човекот во случај да не се успее да се спречи нивна ескалација, велат од Обединетите нации.

Во двегодишниот извештај за тоа како светот се носи со катастрофите, Обединетите нации предупредуваат дека поради новите ризици што не сме ги предвиделе досега, минатото повеќе не може да биде водилка за иднината.

Особено како „нови ризици“ за човечките животи и нивните имоти се наведуваат загадувањето на воздухот, болестите, земјотресите, сушите и климатските промени. Извештајот исто така предупредува на сè поголемиот потенцијал на еден вид катастрофа, кој може да предизвика или да влоши некои други непогоди.

Така научниците на пример предупредуваат на обилните врнежи, кои по шумските пожари, предизвикуваат одрони на земјиштата.

„Ако продолжиме да живееме на ист начин и продолжиме да се однесуваме едни кон други и кон нашата планета како и досега, тогаш нашиот опстанок ќе биде доведен во прашање“, изјавила Мами Мизутори, претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации, на состанокот во Женева посветен на намалување на ризиците.

Екстремните временски појави во последните 20 години се зголемени двојно повеќе. Истите нанесуваат голема економска штета, па развојните цели на Обединетите нации во сиромашните земји се речиси недостижни.

Во 2018 година, во светот се регистрирани 1600 катастрофи, што од монсунски поплави во Индија, што од шумски пожари со огромни размери во САД.

Истата година, за време на катастрофата раселени се 17,2 милиони луѓе, а од 2008 година раселени се околу 265 мииони лица. ОН смета дека се потребни дополните финансиски средства за да се спречат катастрофите.

Од таму велат дека со спречување на катастрофите ќе се заштити најранливата група луѓе од последиците на екстремните временски појави. За намалување на ризикот од катастрофа, од 2005 година до 2017 година вложени се околу пет милијарди американски долари.

Оваа бројка претставува за 3,8% од севкупната потрошувачка на хуманитарни прашања, односно помалку од четири на секои 100 потрошени долари.

 

Scroll to Top