Орбан: Меркел не одлучува кој може да се досели во Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел не е надлежна за бегалската политика на Унгарија.

Орбан порача дека националните влади треба да одлучуваат колку бегалци ќе примат во своите земји.

„Кога станува збор за прашањето кој може да живее во Унгарија, за тоа не е задолжена Меркел“, изјави Орбан во интервју за „Билд“.

Унгарскиот претседател вели дека би бил протеран од функцијата премиер кога би спроведувал бегалска политика слична на политиката на Меркел.

Орбан предупреди дека секоја одлука што испраќа порака до мигрантите дека можат да дојдат во земјите на ЕУ доведува до нови трагедии. Тој нагласи дека ЕУ мора да ги спречи луѓето пред да се обидат да дојдат во Европа.

Во интервјуто за државното унгарско радио, премиерот ја поздравил идејата на поранешниот стратег на претседателот на САД, Стив Банон, за новата антиевропска група. Банон истакнал дека било време некој од САД да дојде во Европа и да го шири конзервативниот начин на размислување, наместо либералните вредности.

Орбан изјавил дека на новата Европска комисија ѝ е потребен нов пристап на миграциската политика и додал дека на сегашната Комисија деновите ѝ се одбројани. Мандатот ѝ истекува во мај 2019 година.

Во интервјуто за унгарското радио премиерот не изјавил отворено дека ќе се здружи со групата на Банон ниту дека ќе ја поддржи неговата платформа, но му посакал успех за неговиот проект.

„Америка не е составена само од либерали“, истакнал Орбан, додавајќи дека таму има и конзервативци и христијански демократи кои би сакале да се слушне и нивниот глас во Европа.

Според неговите зборови, Стив Банон, кој Трамп го сменил минатата година, сфатил дека постои простор за ширење на конзервативните вредности во Европа, и тоа Орбан го смета за позитивно.

Новата група е настроена против ЕУ, под името „Движење“, со седиште во Брисел, а поранешниот стратег на Трамп ја избра како платформа и има за цел да помогне во националистичкото насочување на антимиграциски ориентираните групи ширум Европа, наведува „Ројтерс“.

Банон претходно за британска агенција изјавил дека целта на таа група е да се засили антиевропското пристуство во Европскиот парламент на изборите во мај идната година.

Орбан инаку е еден од најсилните противници на миграциската политика на ЕУ. Во изјава за државното радио тој изјавил дека новата Европска комисија не би требало да ги казнува земјите кои ги штитат своите граници од мигрантите.

Европската комисија претходно овој месец го прогласи за незаконски новиот унгарски закон, со кој се забранува поддршка за барателите на азил, пренесува Ројтерс.

Орбан одлуката на Комисијата ја оценил како безначајна, затоа што, како што вели тој, мандатот на комисијата наскоро истекува.

Тој сегашната одлука и предлог на Комисијата го опишал како „последното мрдање на нозете на жабата за време на биолошки експеримен, какви што ги имаме гледано во школите“ и дека истиот повеќе не вредат ништо“.

„По европските избори потребна ни е Комисија која не ги казнува земјите кои ги штитат своите граници, како што е тоа Унгарија“, истакнал унгарскиот премиер.

Наместо тоа, тој заклучил дека Европската комисија треба да ги казнува оние кои пуштаат милиони мигранти во Европа, при што ги кршат постоечките прописи на ЕУ, но не навел ниту една посебна држава членка.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат во мај 2019 година.

Десничарската националистичка партија на Орбан, „Фидес“, денес води во анкетите откако победи на националните избори во април. Орбан беше повторно избран. Тој го тера својот трет последователен мандат.

 

 

 

 

Scroll to Top