Папата Лав го носи Холивуд во Ватикан

Папата Лав XIV го носи Холивуд во Ватикан. Првиот папа од Соединетите Американски Држави, кој беше избран во мај за наследник на папата Франциск, ќе биде домаќин на голем број познати актери и режисери на 15 ноември. На списокот на гости се наоѓаат добитничката на Оскар Кејт Бланшет, ѕвездата од „Северанс“ Адам Скот, легендарниот режисер Спајк Ли, како и Крис Пајн и режисерот на „Лудиот Макс“ Џорџ Милер, објави USA TODAY.

Меѓу гостите кои се очекува да се сретнат со Папата се и Алисон Бри и Дејв Франко, ѕвездата од „Господарот на прстените“ Виго Мортенсен и режисерите Гас Ван Сант и Тони Кеј. Ватикан на 10 ноември соопшти дека Папата „изразил желба да го продлабочи дијалогот со светот на киното, истражувајќи ги можностите што ги нуди уметничката креативност за мисијата на Црквата и промоцијата на човечките вредности“.

Настанот е организиран од Канцеларијата за култура на Ватикан како дел од тековната Света година на Католичката црква. Ретко е папа да биде домаќин на холивудски ѕвезди. Неговиот претходник, папата Франциск, беше домаќин на комичари, меѓу кои Конан О’Брајан, Стивен Колберт, Џими Фалон, Вупи Голдберг и Крис Рок во јуни 2024 година.

Во јуни оваа година, Ал Пачино стана првата холивудска ѕвезда што имаше приватна аудиенција со папата Лав. Како дел од најавата за новиот настан, Ватикан сподели список на омилените филмови на папата роден во Чикаго: „It’s a Wonderful Life“ (1946), „My Songs, My Dreams“ (1965), „Ordinary People“ (1980) и „Life is Beautiful“ (1997).

Веста доаѓа само неколку дена откако папата Лав се сретна со Роберт Де Ниро и неговите деца, Џулијан и Дрена Де Ниро, во Ватикан на 7 ноември. „Тој е добар човек. Бев многу, многу среќен што го запознав“, изјави актерот за CNN по средбата.

„Мојот внук, кој почина од предозирање пред нешто повеќе од две години, се викаше Лео. Ќерка ми му даде негова слика и тоа беше прекрасен, многу посебен момент“, додаде Де Ниро.

Фото: ЕПА

Scroll to Top