Синот на британската кралица Елизабета Втора, принцот Ендру, се откажа од кралските должности минатата година, поради скандалот поврзан со неговиот покоен пријател Џефри Епстајн, кој беше обвинет како сексуален предатор.
Медиумите почнаа да го поврзуваат принцот со целиот скандал, поради што војводата од Јорк ја замоли кралицата да му дозволи да се откаже од обврските кои ги извршува во име на кралското семејство. Кралицата не чекаше многу за да му ја исполни неговата желба.
Иако принцот се надеваше дека ваквата промена ќе биде краткотрајна, најверојатно, тој нема да се врати назад на своите кралски должности, пишува The Sunday Times.
„Принцот се надеваше дека одлуката на кралицата и промената ќе биде краткотрајна, но тоа не се случи. Кралското семејтво нема намера да се занимава со неговата положба“, вели личност блиска до кралскиот двор.
Синот на кралицата веќе го почувствува тоа, кога му беше скратено нешто на кое се имал навикнато. Така на пример, британската влада ја промени праксата на подигање на знамето за кралските родендени, па тоа повеќе нема да се вее за роденденот на Ендру, поради скандалот со педофилија.
Промената е воведена за да ги опфати припадниците на кралското семејство кои се повлекле од јавноста и не ги извршуваат повеќе кралските должности.
За потсетување, принцот се повлече од јавноста по ексклузивното интервју за Би-би-си во Бакингемска палата, кое се емитуваше во Велика Британија во 2019 година.
Во него тој одговараше на низа незгодни прашања, а го бранеше пријателството се сега веќе починатиот Американец Џефри Епстајн, кој беше обвинет како сексуален предатор. Една од жртвите на Епстајн тврдеше дека принцот Ендру имал со неа сексуални односи кога таа имала само 17 години.
Таа ги опишала до детаљ настаните пред сојузниот суд во Флорида, вклучувајќи го и ентериерот во лондонската куќа на поранешната девојка на Епстајн и негова долгогодишна пријателка, милијардерката Гислејн Максвел. Таа детално го опишала и дворецот во Њујорк, во кој таа била со него во 2001 година, кога имала само 17 години.
Ендру ги негираше тврдењата дека имал сексуален однос со 17-годишната девојка, која му ја наместил милионерот Епстајн, а кој во август минатата година, во пресрет на судењето, беше пронајден мртов, обесен во неговата ќелија.
Но, ова не е првпат принцот да биде поврзан со контроверзи.