Претседателот на Танзанија, Џон Магуфули починал на 61-годишна возраст, пренесоа светските медиуми. Веста за неговата смрт ја објави потпретседателот на земјата Самија Сулуху Хасан.
„Со длабока болка ве известувам дека денес го загубивме нашиот храбар водач, претседателот на Танзанија“, рече потпретседателот во телевизиско обраќање.
Магуфули мистериозно исчезна од јавноста пред речиси три недели, а за неговата здравствена состојба постојано се шпекулираше. Дел од опозиционерите тврдеа дека бил заразен со коронавирус, но, ваквата информација никогаш не била потврдена.
Магуфули се појави во јавноста на 27 февруари, а во средата беше 18-ти ден откако 61-годишниот претседател последен пат беше виден. И покрај гласините за неговата лоша здравствена состојба, танзаниските власти никогаш не дадоа јасен одговор за неговата состојба, ниту за тоа каде се наоѓа.
Тој беше познат како еден од најголемите корона-скептици. Три месеци постојано повторуваше дека неговата земја го победила опасниот вирус, благодарание на молитивите, а народот го повикуваше да се бори против истиот со билки.
Исто така, одбиваше да носи маска за лице или да преземе мерки за изолација. Властите во Танзанија престанале да објавуваат податоци за заразените во април 2020 година.
Засега останува мистерија дали Магуфули починал како последица на коронавирусот.