Најпознатиот светски свиркач и основач на „Викиликс“, Џулијан Асанж, веќе две години се наоѓа во озлогласениот британски затвор „Белмарш“, од каде што му се заканува испорачување во САД. Тој е обвинет по 18 точки, вклучувајќи и шпионажа.
Асанж се товари дека незаконски објавил 250.000 доверливи документи од Ирак и Авганистан. За потсетување, тој претходно мина 6,5 години во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Кога властите во јужноафриканската земја се сменија, тој на 11 април минатата година беше приведен.
Британската полиција влезе во резиденцијата и на сила го извлече Асанж надвор. Додека го носеа, Асанж викаше пред собраната толпа народ: „Морате да се спротивставите, можете да се спротивставите!“
Сместен во затворот „Белмарш“
Овој затвор е познат и како британскиот „Гвантанамо“, а во неговите ќелии се наоѓаат затвореници од таканаречен висок профил, како што се Абу Катаде, кој е прогласен за десна рака на Осама бин Ладен, задолжен за Европа, како и четворица осудени за обид за самоубиствен напад во лондонскиот јавен превоз.
Меѓу шарениот спектар на затвореници во „Белмарш“ се наоѓаат и осуденици од нискоризични престапници, па до најрзизични. Исто така, тука издржуваат робија и мал број од оние што бараат посебен третман од управата поради нивните јавни профили.
Доколку Асанж биде испорачан во САД, веројатно ќе биде испратен во сојузниот затовр „Супермакс“ во Колорадо, изјавила пред британскиот суд поранешната управничка на Казнено-поправниот центар „Метрополитен“ во Њујорк, Морин Бејирд.
Сведочејќи пред судот кој одлучува дали Асанж ќе биде испорачан во САД, таа изјавила дека тој мора да биде пред умирање за да излезе од најозлогласениот затвор во САД.
„Супермакс, се смета за најбезбедната американска казнена установа. Тука се сместени некои од најозлогласените криминалци во земјата.
Тука казна издржуваат мексикансиот наркобос Ел Чапо Гузман, Закаријас Мусауи, припадник на Ал каеда, кој помогнал во планирањето на нападите на 11 септември. Потоа, Рамзи Јусеф, одговорен за бомбардирањето на Светскиот трговски центар во 1993 година.
Асанж прогласен за најопасниот човек на светот
Асанж, кого одделни публицисти го опишале како најопасниот човек на светот, судејќи според сè, се смета за посебна личност според неговиот начин на живеење, преокупациите, манирите, школувањето, па дури и условите во кои израснал.
Тој во едно свое интервју во 2010 година изјавил дека се залага за нешто што го нарекува научно новинарство, односно ситуација што би била поинаква од постојната, во која читателите не се во можност да го проверат она што го читаат, а што може да биде плод на злоупотреба.
Својата улога ја поедноставил со зборовите: „Кога владите ќе престанат да мачат и да ги убиваат луѓето, кога корпорациите ќе престанат да го злоупотребуваат правниот систем, тогаш можеби ќе дојде време да се постави прашањето на одговорноста за борците за слобода на говорот“.
Асанж стана светски познат во 2010 година кога на 28 ноември „Викиликс“ (свиркачки интернет-портал) обелодени повеќе од 251.000 дипломатски депоа, односно преписки меѓу Стејт департментот и дипломатските преставништва на САД во светот. Тој материјал содржел дури 40 проценти доверлив материјал, а повеќе од шест проценти тајни документи.
По основањето на „Викиликс“, создаде проблеми во целиот свет
И претходно неговите активности предизвикуваа сериозна главоболка кај официјалните лица и нивните служби, како, на пример, ситуацијата кога се појави случајот „Апач“, кој Асанж и неговите соработници го нарекоа „Проект Б“.
Се работи за видео од кокпитот на американскиот хеликоптер „апач“, на кое може да се види како американските војници во 2007 година во Ирак од воздух ладнокрвно убиваат 18 цивили, меѓу кои и двајца новинари на „Ројтерс“.
Асанж го основа „Викиликс“ во 2006 година, а со работа почна во јануари 2007 година. Самиот Асанж ќе го опише како „Википедија без цензура“.
Со првиот објавен документ ги обвини властите во Сомалија за ангажирање криминалци за извршување ликвидација. Веродостојноста на тој документ веднаш била оспорена.
„Викиликс“ објавувал по 10.000 страници дневно
Интернет-страницата „Викиликс“ дневно обелоденувала 10.000 страници од документи, дипломатски депоа, кои од тогаш не се тргнале од насловните страници во светот, при што биле изложени многубројни недоследности, од валкани работи, кои се случувале во светската дипломатија, до злосторства.
Едноставно кажано – трачови. Така биле обелоденети убиствата во Кенија, потоа фрлањето отровни материјали на африканска почва, компромитацијата на преписките на банките Kaupthing и Julius Baer, материјал за дејствата на САД во Ирак, односно Авганистан, или за ситуацијата што се случувала во Гвантанамо.
Потерницата на Интерпол по Асанж била распишана на 30 ноември 2010 година, а на 7 декември Британците го уапсиле врз основа на барање на Шведска. Во таа земја Асанж бил обвинет за силување.
PostFinance, швајцарската банка, ги блокирала неговите средства во декември 2011 година, со образложение дека не го пријавил вистинското место на престојување, а MasterCard, Visa Inc, PayPal, како и Bank of America, му оневозможиле прилив на средства на „Викиликс“.
Според тврдењата на Асанж, во најдобрите времиња „Викиликс“ дневно добивал и до 85.000 британски фунти. Сепак, Окружниот суд во Рејкјавик, Исланд, во 2012 година застанал на својот став дека Visa Inc го прекршила договорот и со тоа направила штета од 20 милиони долари.
Дури кога се појавила неговата биографија, некаде на самиот крај во 2010 година, нешто на што Асанж бил принуден за да ги олесни финансиските услови, станало јасно дека тој е познатиот хакер Мендакс, чиј животен пат е опишан во книгата Underground.
Триесет и седумпати се селел како дете
Инаку, Асанж е роден во јули 1971 година во Таунсвил, Квинсланд, во североисточниот дел на Австралија. Недалку од Таунсвил, на осум километри оддалеченост, на излезот од квинсландскиот залив, се наоѓа островот Магнетик, на кој Асанж го поминал најголемиот дел од детството.
Магнетик е зелен тропски остров, со површина од педесетина километри. Неговите родители ќе се разведат кога тој ќе наполни осум години. Тогаш почнува борбата за старателство над него.
Асанж со мајка си и браќата до својата 14. година се селел дури 37 пати. Таквиот начин на живеење станал негова судбина. Дури шест пати ги менувал училиштата и факултетите. Студирал физика, математика, филозофија и неврологија.
Ништо од тоа не завршил и едвај поминувал низ студиите. Претходно се интересирал за информатика. Во шеснаесеттата година станал основач на хакерска група, која ја нарекле „Меѓународни минувачи“ и која имала строг кодекс.
Асанж бил уапсен како тинејџер поради упади во системите на универзитети, телекомуникациски компании, како што е Nortel, па дури и во Пентагон и НАСА.
Асанж бил тинејџер бунтовник
Во октомври 1989 година, во пресрет на лансирањето на вселенскиот брод „Атлантис“, на мониторите на НАСА изненадувачки се појавил написот WANK, што значел Worms Against Nuclear Killers, што бил назив на хакерската група „Црви против атомски убијци“.
Асанж бил еден од шестемина тинејџери што биле приведени за таквото дело. Процесот завршил со глоба од 2.100 долари, иако обвинувањето, колку и да изгледало сериозно и сеопфатно, на крајот се утврдило дека немало никаква злонамерност во активностите на Асанж.
Сепак, последиците за него оставиле сериозен белег. Сите тие процеси и тежината на сите тие ситуации довеле до тоа тој да доживее нервен слом. Целосно бил растроен, а извесно време живеел и како бездомник.
Во деведесеттите години се посветил на изградба на база на податоци на една асоцијација, која се занимавала со проблематика за старателство во Австралија. Имал јасен личен мотив затоа што водел борба за старателството над синот што го добил на осумнаесет години.
Тамошната администрација немала многу разбирање за неговите аргументи. Сепак, тој во 1999 година постигнал договор за старателство над детето.
Поучен од искуствата, Асанж настојувал да се вклопи во општествено прифатливи рамки. Тој бил меѓу основачите на претпријатието Suburbia pablik akces netvork, во Мелбурн, чиј домен биле, разбирливо, интернет-услуги.
Асанж имал немирен дух, но таквиот негов карактер му овозможил да оствари многубројни патувања. Од бездоминк тој успеал да патува низ Азија, живеел во Кенија, Танзанија, Белгија, на Исланд и во Шведска.
Кога ја собрал групата со која го основал „Викиликс“, тој имал намера да им се спротивстави на режимите, како што се Кина, Русија и земјите од централна Азија. Потоа, исто така сакал да се спротивстави и на нелегалното и неморално однесување на владите и компаниите, меѓу кои била и американската власт. Се утврдило дека најголем број пикантерии биле врзани за САД и нивната политика.
За својата работа Асанж примил низа признанија, како, на пример, наградата Amnesty International Media Award во 2009 година, Sam Adams Award во 2010 година, Sydney Peace Prize во 2011 година, Marha Gellhorn – признанието за новинарство во 2011 година.
Весниците „Тајм“ и „Монд“ го прогласиле за личност на годината во 2010 година. И во двата случаја гласовите ги добил од читателите.
Асанж пронашол засолнише во Амбасадата на Еквадор во Лондон во јуни 2012 година
Челзи Менинг, која како воено лице му ги доставило на „Викиликс“ оние 250.000 документи, со чие обелоденување се прослави Асанж (па и самата Челзи, која е родена како Бредли), на средината на 2013 година е осудена за повеќе дела на 35 години затвор.
Асанж во повеќе наврати нагласил дека повеќе не верува во позитивен исход во неговиот случај и дека се плаши оти САД нема да го остават на мир поради тоа што тој им го направи.
Самиот тој изјавил дека чувствува оти можеби е осуден на смрт.
Добил две деца додека бил во азил
Адвокатот на одбраната на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, Стела Морис, која минатата година откри дека му родила два сина додека престојувал во Амбасадата на Еквадор во Лондон, поднела барање за негово ослободување од затвор истакнувајќи дека неговиот живот е во опасност поради пандемијата на коронавирусот.
Таа во писмото објаснила дека го сретнала Асанж во 2011 година додека била правен истражител и дека пријателството и покрај вонредните околности, прераснало во врска во 2015 година.
Таа додала дека вложила огромен труд за да ги заштити тригодишниот Габриел и едногодишниот Макс од атмосферата во која е опкружен татко им.
Асанж присуствувал на раѓањето на двете деца во Лондон преку видеолинк, а постариот Габриел го посетил во Амбасадата.
„Станавме пријатели и гледавме заедно филмови. Едноставно, засакав да го минувам времето со него. Беше многу романтично и слатко. Не беше лесно, но кога сте со некого што го сакате, можете невозможните ситуации да ги направите возможни“, изјавила таа во емисијата „60 минути“.
Интересен е и случајот со еден свиркач, инаку поранешен агент на ЦИА, Џефри Стерлинг. Тој против ЦИА поднел тужба поради дискриминација во 2015 година поради што му било судено под актот шпионажа.
Тој претходно учествувал во операцијата „Мерлин“, која имала цел да го поткопа развојот на нуклеарната програма на Иран, но кога увидел дека не се почитуваат безбедносните протоколи, својата загриженост ја претставил пред известувачкиот комитет на Сенатот и Претставничкиот дом. На крајот против него била поведена хајка.
Не само што останал без работа и бил цел поради oбвинувањата за дискриминација, туку бил обвинет и дека податоци од ЦИА му ги предавал на новинарот на „Њујорк тајмс“, Џејмс Ризен. Тој бил осуден на 42 месеца, а издржал 2,5 години во затвор.
Како што вели, на ист начин ќе се обидат да го судат и осудат и Џулијан Асанж.
„Мислам дека судот во повеќе наврати досега покажа дека е про-ЦИА и провладин, така што можно е американската влада да управува со случајот и да го води во правец во кој таа сака. Доколку го испорачаат Џулијанс Асанж, тој ќе биде прогласен за виновен“, изјавил Стерлинг за „Јакобинмаг“.