Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, е првата жена која седнува на оваа позиција. Има 60 години и доаѓа од редовите на конзервативната Христијанска демократска унија (CDU).
Во политичките води е од 1990 година, а германските медиуми ја опишуваат како блиска и секогаш верна на канцеларката Ангела Меркел. Фон дел Лејен е родена во Брисел. Татко ѝ своевремено бил премиер на Долна Саксонија. Урсула во 2003 година станува министерка за социјални прашања на оваа германска сојузна држава.
Во претседателството на CDU влегува во 2004 година, во 2010 година, станува заменик претседател на партијата на Ангела Меркел.
Урсула фон дер Лејен важела за наследничка на Ангела Меркел на чело на CDU, а пред изненадувачкото влегување во трка за место на претседтел на Европската комисија и за наследничка на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Во кабинетот на Меркел, Урсула се наоѓа од 2005 година и тоа прво како федерална министерка за семејството, потоа за работа и социјални прашања, а во 2013 година доаѓа на место на министерот за одбрана на Германија и станува прва жена на оваа функција.
Од 1977 година до 1980 година, студирала економија на угледниот London School of Econimics. Во Лондон заминува поради стравот од терористите и Фракцијата Црвена Армија (RAF), која во тоа време им се заканувала на германскте политичари и членови на нивните семејства. Усула студирала под лажното име Роус Ладсон.
По враќањето во Германија, студирала медицина, а докторирала и специјализирала гинекологија. Во 2015 година се појавуваат обвинувања дека Урсула препишала дел од својот докторат, но истрагата е спроведена на Универзитетот во Хановер каде е утврдено дека докторатот има грешки, но дека таа може да ја задржи докторската титула.
Аналитичарите поради доброто познавање на сите три главни европски јазици и искуства во НАТО, сметале дека таа е соодветна за местото претседател во Европската комисија.
Сепак, Урсула, која е мајка на седум деца, многумина и замераат дека не се покажала премногу добро како министерка за одбрана и дека ефектот од нејзиното министерување дало спротивни резултати, пишува „Политико“.
„Урсула е нашата најслаба министерка. Но, тоа изгледа е доволно за да стане претседател на Европската комисија“, напишал поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц на својот профил на „Твитер“ во вторникот, констатирајќи дека тоа е победа на Орбан и неговата екипа, која ја спречиле номинацијата на Франс Тимерманс, затоа што тој се залага за владеење на правото.
„Состојбата на Бундесвер (германските вооружени сили) е катастрофална. Целиот одбрамбен капацитет на Сојузната Република пати, што е целосно неодговорно“, бил коментарот на Руперт Шолц, поранешниот министер за одбрана под канцеларот Хелмут Кол.
„Добро е за војската што таа си заминува. Годините во кои таа беше министерка беа тешки за вооружените сили“, изјавил неименуван застапник на CDU за „Фајненшел тајмс“.
Во Берлин, како што пишува овој весник, партиските колеги не и веруваат, опозицијата ја напаѓа, а медиумите се полни со негативни насловни страни за неа. Не ја сакаат ниту генералите.
Алармантната состојба на вооружените сили на најголемите и најбогатите држави во ЕУ, не е единственото нешто што се става на терет на Урсула. Против нејзиното министерување се води истрага во Парламентарниот фонд, во врска со можноста недозволено да правела договори за надворешни консултации.
Се сомнева дека Министерството ги заобиколило правилата за јавното набавување и дека на компаниите „Акцентур“ и „Мек Кинси“, им се дале договори вредни милиони евра. Клучните сведоци во последните денови ги потврдиле сомневањата за системската корупција во Министерството.
Но, Урсула и покрај својот клуб на критичари и покрај низата на обвинувања, може да се пофали со моќни пријатели.
Освен самата германска канцеларка Ангела Меркел, тука се и поранешниот министер за финансии и моменталниот претседател на германскиот Парламент, Волфганг Шојбле, со кого се состанувала еднаш месечно за доручек, се додека тој не се нашол на чело на Бундестагот.
Меркел ја заштитила Урсула од обвинувањата и ја поддржала нејзината номинација за претседател на Европската комисија, како награда за нејзината лојалност.
Инаку, таа е и редовен гостин на Самитот во Давос, член на управниот одбор на Светскиот економски форум и членка на тајната група Билдерберг.