Птици во Украина почнаа да прават гнезда од оптички влакна оставени од воени дронови

Необична снимка од Украина деновиве привлече огромно внимание на социјалните мрежи, откако беше објавено видео од птичјо гнездо изградено од оптички влакна оставени зад FPV дронови што се користат на фронтот.

На снимката се гледа гнездо исплетено од тенки стаклени влакна, а фотографиите од украинските полиња дополнително ја покажуваат необичната сцена – површини кои светкаат како огромни пајажини поради остатоците од каблите што ги оставаат дроновите со оптичко управување.

Според аналитичарите, ова е уште еден доказ колку новата генерација FPV дронови го променила изгледот на украинското бојно поле. Иако влакната не се токсични и најверојатно не претставуваат опасност за птиците, за војниците тие се знак за сериозна закана, бидејќи токму овие дронови се сметаат за едни од најопасните технологии во актуелната војна.

Класичните FPV дронови функционираат преку радио врска со операторот, што е нивната најголема слабост. Сигналот лесно може да се изгуби ако дронот лета ниско или зад ридови, а дополнителен проблем претставува електронското попречување.

Се проценува дека дури 75 проценти од борбените дронови се губат токму поради електронско попречување на сигналот, а понекогаш и поради сопствените системи за електронско војување.

Оптичките FPV дронови го решаваат тој проблем на сосема поинаков начин. Наместо радио сигнал, тие користат тенок кабел од оптички влакна што се одмотува зад леталото додека лета. Преку кабелот операторот ја одржува комуникацијата со дронот, што го прави практично имун на електронско попречување.

Дополнителна предност е тоа што овие дронови не емитуваат радио сигнали, па противникот не може лесно да ги открие додека не се приближат до целта.

Интересно е што ваквата технологија уште во раните 2000-ти ја развивала DARPA, американската агенција за напредни воени технологии. Сепак, тогаш системот никогаш не влегол во масовно производство.

На украинското бојно поле први масовно ги вовеле руските сили пред нешто повеќе од една година, прво во ограничени серии, а подоцна и во многу поголем обем.

Украина сега забрзано се обидува да ја достигне таа технологија. Според украинскиот министер за дигитална трансформација Mykhailo Fedorov, во моментов околу 15 украински компании веќе произведуваат дронови со оптички влакна.

Воени аналитичари предупредуваат дека започнува таканареченото „лето на оптичките дронови“, период во кој овие летала би можеле масовно да доминираат на фронтот поради нивната отпорност на електронско попречување и тешката детекција.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top