Податоците за пожарот во руската подморница во Баренцовото Море се државна тајна и тие никогаш нема да бидат објавени, изјавил пред новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На 2 јули на едно руско возило за подводни истражувања избил пожар, а во несреќата загинаа 14 лица. Се работи за миниподморница, а од владините служби соопштиле дека пожарот избил додека возилото изведувало биометриски тестови во руските територијални води.
„Врховниот командант Владимир Путин ги има сите информации за несреќата, но тие податоци не можат да бидат објавени затоа што тоа се однесува на категоријата апсолутно тајни податоци. Апсолутно е нормално ова да не се објави“, нагласил Песков, пренесува ТАСС.
Песков додал дека овие податоци нема да бидат откриени ниту во иднина.
„Постојат доверливи информации, оваа тајна ќе се чува во интерес на државната и национална безбедност“, изјавил Песков и истакнал дека ова е апсолутно нормална пракса и дека тука нема ништо илегално.
Песков одбил да коментира дали подморницата имала нуклеарен реактор, велејќи дека тоа прашање е за руското Министерство за одбрана.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, одржал состанок со министерот за одбрана, Сергеј Шојгоу, и му дал инструкции да замине за Североморск и да обезбеди спроведување на деталната истрага, пренесува ТАСС.