Руски делфини шпиони ги чуваат подморниците во Сирија

На крајот на 2018 година Русија префрли тренирани делфини во сириското крајбрежје Тартус, со цел да ги чуваат тамошните подморници, пренесува американскиот магазин „Форбс“, повикувајќи се на сателитски снимки.

„Наидов на морски цицачи во водата додека ги прегледував сателитските снимки кај Тартус. Тоа е крајбрежје каде што Русија ги базира своите подморници, кои се распоредени таму, поради војната во Сирија“, пишува авторот на текстот и ги навел координатите каде што се наоѓаат животните.

Во текстот се наведува дека морските цицачи може да се користат за спротивставување на непријателските нуркачи во обид да се онеспособат бродовите во крајбрежјето. Исто така, може да се користат и за подигање предмети од морското дно, како и за подводно набљудување.

„Форбс“ пишува дека животните може да стигнат и до Крим и потсетува дека во северниот дел на Русија активно се користат белуги, вид китови, кои се подобро приспособени за арктичките услови за разлика од делфините.

„Можеби никогаш нема точно да дознаеме што руската флота работи со делфините во Сирија. Таму беа неколку месеци, од септември до декември 2018 година“, заклучува авторот на текстот.

Scroll to Top