Само Владимир Путин и неговиот лекар знаат која вакцина против коронавирус ја примил рускиот лидер, изјавил пред новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
„Уште синоќа соопштивме дека сите три руски вакцини се апсолутно ефикасни и безбедни и затоа нема никаква разлика со која претседателот се вакцинирал. Која вакцина ја примил рускиот претседател Путин, знае само тој и неговиот лекар“, изјавил Песков.
Официјален Кремљ соопшти денес дека претседателот Путин дал добар пример пред руските граѓани за вакцинирањето против Ковид-19 и дека втората доза ќе ја прими за три недели. Од официјален Кремљ не објавија фотографии, ниту видео од вакцинирањето на Путин, пренесува „Ројтерс“.
Претходно, беше соопштено дека Путин не сака да се вакцинира пред камерите и затоа нема да биде објавена снимката. Песков изјавил дека Путин и без тоа работи доволно на пропагандата за вакцинирањето.