Netflix и Warner Brothers добија тужба од 150 милиони долари, од религиозна група, обвинувајќи ги филмските компании дека ја прекршиле трговската марка и ја повредиле деловната репутација на нивниот Сатански храм, пишува „cnbc.com“.
Според документите поднесени во четвртокот во окружниот суд во Њујорк, проблемот настанал околу „Бафомет“, статуата на сатанскиот бог која се нашла во една од сериите на Netflix, The Chilling Adventures of Sabrina.
Во тужбата се тврди дека статуата била претставена многу слично како онаа на вистинскиот споменик на Бафомет во Сатанскиот храм. Од храмот тврдат дека во серијата нивните членови се прикажани како злобни антагонисти, кои се поклонуваат пред Сатаната, а се поврзуваат и со канибализам, убиства и тортура.
Од Сатанскиот храм тврдат дека тие не го промовираат злото. Напротив основниот принцип по кој делуваат е промоција на тоа дека страдањето е лошо, а она што го намалува страдањето е добро. Тие наместо злобно суштество, Сатаната ја претставуваат како бунтовник против Божјиот авторитет.
„Статуата на Бафоме стана централна икона и нè претставува нас сатанистите како народ”, изјавил коосновачот на Сатанскиот храм Лусиен Гривс.
Засега од компаниите Netflix и Warner Bros одбиле да дадат било каков коментар, по однос на прашањата за судските постапки.