Тенисерот од Норвешка се пожали: Иритира кога ќе излезете на теренот и ќе почувствувате мирис на џоинт

Норвешкиот тенисер Каспер Руд коментираше дека мирисот на марихуана многу му пречи на Отвореното првенство на САД.

Откако употребата на марихуана беше легализирана во Њујорк во 2021 година, Отвореното првенство на САД речиси секоја година го следи истата приказна – тенисерите се жалат на мирисот што доаѓа од трибините и околу терените.

Каспер Руд се пласираше во второто коло на Ју-ес опен со победата над Офнер со 6:1, 6:2, 7:6 (5) по помалку од два часа игра, а моментално 13-от играч во светот призна дека таквата атмосфера сериозно му пречи додека се наоѓа на теренот..

„Најголема деградација на турнирот во Њујорк е што сега сè мириса на марихуана. Дури и во објектите на турнирот. Мора да се помирите со тоа, но тоа не е мојот омилен мирис“, рече Руд.

Тој додаде дека проблемот е особено изразен за време на натпреварите.

„Навистина е иритирачки кога ќе излезете на теренот и ќе почувствувате мирис на некој што пуши џоинт. Не е забавно за играчите, особено кога сте уморни и мора да го вдишувате тој мирис. За жал, не можеме ништо да направиме додека не се промени законот, а се сомневам дека тоа ќе се случи“, нагласи Норвежанецот.

Scroll to Top