Цела библиотека на Дарвин оди на интернет

Личната обемна библиотека на влијателниот британски натуралист и биолог Чарлс Дарвин, првпат ќе биде целосно објавена на интернет. Научниците велат дека збирката книги, од коишто дел досега биле непознати и необјавени, укажува на необичниот обем на истражувањата на Дарвин. Каталогот од 300 страници подробно ќе ја претстави цела колекција што се состои од 7.400 наслови и 13.000 тома.

Во каталогот наречен „Целосно дело на Чарлс Дарвин онлајн“ се вклучени книги, памфлети и списанија за теми како што се биологија, геологија, филозофија, психологија, религија, уметност, историја и патувања. Повеќето од делата се на англиски јазик, но и германски, француски, италијански, шпански, холандски и дански јазик. Меѓу новооткриените дела е германско списание со првата позната фотографија од бактерија.

На проектот му беа потребни 18 години за да се заврши, а неговото објавување се совпаѓа со 215-годишнината од раѓањето на Дарвин. Го води д-р Џон ван Вај од Одделот за биолошки науки, при Националниот универзитет во Сингапур.

Проектот вклучува и виртуелна реконструкција на библиотеката со 9.300 линкови до примероци од делата коишто се достапни бесплатно. Дарвин починал во 1882 година, а пописот на неговиот дом забележал повеќе од 2.000 книги.

 

Scroll to Top