Велика Британија сака да го промени Дедо Мраз?

Музејот „Brighton i Hove Museums”“ во истоимениот британски град предизвика бурни реакции во јавноста откако во блог по повод божиќните празници објави дека Дедо Мраз е претставен како „премногу бел, западноцентричен и патријархален“.

Во статијата, Дејли Меил наведува дека традиционалната приказна за Дедо Мраз, кој го оценува однесувањето на децата делејќи ги на „добри“ и „непослушни“ деца, промовира „западни бинарни вредности“ и ги зајакнува штетните поими за западната моќ, авторитет и културна супериорност.

„Приказната за бел, западен Дедо Мраз кој го оценува однесувањето на децата низ целиот свет е сериозно проблематична“, наведува блогот, прашувајќи кој му го дал правото на Дедо Мраз да биде „врховен судија на однесувањето на децата во сите заедници“.

Авторите на текстот тврдат дека таквата нарација подразбира „колонијални претпоставки за културна супериорност“, особено во контекст на деца од домородните заедници кои ги следат своите културни обичаи.

Во блогот, на родителите им се препорачува да го „преиспитаат колонијалниот поглед“ и да се откажат од идејата за наградување на децата врз основа на западната поделба на „добри“ и „лоши“.

Исто така, се предлага Дедо Мраз да биде прикажан како рамноправен работник во фабрика за играчки, заедно со џуџиња, за да се испрати порака против патријархатот.

„Патријархатот и колонијализмот одеа рака под рака. Важно е да им се покаже на следните генерации дека мажите не мора секогаш да бидат главни“, се наведува во текстот.

Заклучува дека целта е да се напушти „колонијалниот наратив за доминација“ и да се промовира приказна што нагласува културна разновидност, размена и меѓусебно почитување.

Портпаролот на музејот се обиде да ја ублажи контроверзноста, истакнувајќи дека блогот е објавен во 2023 година како дел од програмата за „културни промени“ и дека јавноста има право да се согласи или да не се согласи со изразените ставови.

„Нашата улога како музејски едукатори не е да им кажуваме на луѓето што е правилно или погрешно, туку да го охрабриме гледањето на историјата и културата од повеќе агли и да отвориме простор за дискусија“, се наведува во соопштението на музејот.

Scroll to Top