Иновативно решение на кое никој не остана рамнодушен беше создадено пред две и пол години во Вилнус и Лублин, пишува „Путни кофер“. Имено, овие прекрасни европски градови на своите улици изградија „портал“ кој ги поврзува, а значењето зад овој проект е навистина неверојатно.
Во средината на 2021 година, градовите Вилнус во Литванија и Лублин во Полска поставија необични „дигитални скулптури“ на своите улици, кои веднаш го привлекоа вниманието ширум светот. Во самиот центар уметниците и инженерите поставија таканаречени „портали“ кои се опремени со големи екрани и камери кои постојано емитуваат слики во живо помеѓу овие два прекрасни града. Според организаторите, тоа е еден вид „дигитален мост“ кој има за цел да ги поттикне луѓето „да ја преиспитаат својата перцепција за светот околу нив“.
„Човештвото се соочува со многу предизвици: без разлика дали се работи за социјална поларизација, климатски промени или економски прашања. Меѓутоа, ако погледнеме внимателно, не е недостатокот на брилијантни научници, активисти и лидери што е причина за овие предизвици. Тоа е недостаток на емпатија и тесна перцепција на светот, која често е ограничена со нашите национални граници“, порачаа организаторите при претставувањето на проектот пред јавноста. Тие додадоа дека овој проект е всушност „мост кој ги поврзува луѓето“ и дека нивната желба е да испратат покана до сите нас да се издигнеме над предрасудите кои владеат со светот.
Веднаш по поставувањето на „порталот“, на улиците на овие градови можеа да се забележат луѓе како си мафтаат меѓу себе, праќаат бакнежи или прават склекови. Дизајнот на кругот, наменет да го евоцира „тркалото на времето“ и „добро познат научно-фантастичен симбол“, го осмислиле инженерите од Центарот за креативност и иновации на Техничкиот универзитет Гедиминас во Вилнус – познат како Вилнус Техника. Се подготвуваше пет години, а неговата презентација по избувнувањето на пандемијата беше добро темпирана. Во иднина се планира додавање на портали и во други градови, велат организаторите.