(Видео) Израел објави нова песна за Евровизија, првата верзија изменета на инсистирање на претседателот

Израел објави нова верзија на евровизиската песна „Ураган“ откако мораше да ја промени првата верзија на „Октомвриски дожд“ на барање на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), бидејќи ги прекрши правилата на Евровизија, опишувајќи го нападот на Хамас врз Израел во октомври минатата година.

Израел, кој ќе се натпреварува во второто полуфинале на 9 мај во Малме, Шведска, првично одби да ја преработи песната. Сепак, 20-годишната натпреварувачка Еден Голан во неделата на израелската телевизија во живо ја изведе песната „Ураган“, пренесуваат медиумите во регионот.

Пропалестинските активисти, сепак, бараат Израел целосно да биде исфрлен од натпреварот.

Оригиналната песна имаше стихови „Писатели на историјата/Застанете покрај мене“, „Сè уште сум влажен од овој октомвриски дожд“, „Нема повеќе воздух за дишење“ и „Сите беа добри деца, секој од нив.”

Организаторите на Евровизија оценија дека овие стихови се премногу политички и воопшто не се однесуваат суптилно на нападот на Хамас, при кој беа убиени 1.139 Израелци.

Израелскиот јавен сервис првично одби да ја промени песната, но откако претседателот Исак Херцог интервенираше, радиодифузерот се согласи на промената.

„Претседателот особено истакна дека во овој момент, кога оние кои не мразат се обидуваат да ја тргнат настрана и бојкотираат државата Израел од секоја сцена, Израел мора да звучи гордо и да ја држи главата високо и да го крева своето знаме на секој светски форум, особено оваа година“, објави израелскиот јавен сервис, а пренесува „Ал Џезира“ Балкан.

Станицата додава дека новата песна е романтична балада со текст од типот „Танцувам во бура/Немам што да кријам/Спушти го и остави го светот зад себе/ Вети ми дека пак ќе ме држиш/ Сè уште сум ослободен од овој ураган“.

Новата песна ја има истата мелодија како дисквалификуваната „Октомвриски дожд“.

Еден Голан, која ќе го претставува Израел на Евровизија, изјави дека после се, сака уште повеќе да ја претставува својата земја.

„Тоа има сосема друго значење. И можеме да пренесеме се што чувствуваме и низ што поминува земјата, во тие три минути – преку песна да му се обратиме на светот“, рече пејачката за новиот текст.

Новата песна во израелските медиуми беше опишана како „досадна“ и „вулгарна“.

На Израел му беше дозволено да влезе во Евровизија пред повеќе од 50 години бидејќи националниот радиодифузер во земјата во тоа време сè уште беше член на ЕБУ.
Според правилата, секоја земја во светот може да учествува на натпреварот се додека има телевизиска куќа која работи во Европа како дел од ЕБУ.

Австралија, која долго време имаше лојална база на евровизиски поддржувачи, беше прифатена во 2015 година. Ерменија се приклучи на натпреварот во 2006 година, додека Азербејџан се приклучи во 2011 година.

Во 1980 година, Мароко учествуваше за прв и единствен пат со единствената арапска песна што некогаш се појавила на натпреварот. Тунис и Либан се повлекоа во 1977 и 2005 година, соодветно, откако одбија да емитуваат содржина од Израел.

Израел беше домаќин на Евровизија три пати (1979, 1999 и 2019 година) и победи четири пати (1978, 1979, 1998 и 2018 година) од неговото деби во 1973 година.

Scroll to Top