Научниците во САД, открија траги на доносауруси кои се стари 113 милиони години. Трагите ги забележале во паркот „Глен Роуз“ во Тексас, а ги забележале поради големата суша која го зафати овој дел од регионот, објавија тамошните служби.
„Голем дел од трагите се откриени на различни делови од реката во паркот и припаѓаат на акрокантосаурусот. Станува збор за диносаурус висок четири и пол метри и тежок седум тони“, рече за „Си-ен-ен“ портпаролката на паркот Стефани Салинас Гарсија.
„Во паркот во најдовме и траги од сауропосејдон, животно високо околу 18 метри и тешко околу 44 тони“, додаде Гарсија.
Сушата предизвика големи штети во Тексас. Голем дел од реките во паркот се исушени. Научниците велат дека повеќе од 60 % од земјата во Тексас минатата недела е погодена од двете најинтензивни категории на суши и топлотни бранови.
Во нормални временски услови, трагите од диносаурусите во коритото на реката би се наоѓале под вода и би биле покриени со седимент, велат научниците.
„Секогаш е возбудливо да се пронајдат нови траги од диносаурус во паркот“, рече Гарсија и додаде дека трагите наскоро повторно ќе бидат покриени со вода и земја.
„Иако трагите ќе бидат видливи за кратко време, сепак сме многу возбудени. Паркот на долината на диносаурусите ќе продолжи со заштита на овие 113 милиони години стари патеки не само за сегашните, туку и за идните генерации“, додаде таа.