(Видео) Викиликс открива дека украинската криза била добро испланирана уште пред 14 години

Извештајот на поранешниот американски амбасадор во Москва, од 2008 година, кој го објави „Викиликс“, покажува дека САД многу добро ги знаеле последиците кои би можеле да бидат предизвикани доколку Украина стане членка на НАТО.

Извештајот го напишал поранешниот амбасадор на САД во Москва, Вилијам Брнс уште на 1 февруари 2008 година, по изразените намери на Украина да побара Акционен план за членство во НАТО. Извештајот покажува дека американската страна била сосема свесна за сите можни последици, па дури и за избивањето на војна, во случај да не се уважат интересите на Русија и нејзиното противење за ширењето на алијансата кон исток.

„По благите првични реакции за намерата на Украина да побара Акционен план за членство во НАТО на самитот во Букурешт, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и други високи официјални лица, силно повториле дека се противат на таквото нешто, нагласувајќи дека Русија понатамошното ширење на НАТО кон исток го гледа како потенцијална воена закана“, пишува меѓу останатото во извештајот.

Понатаму е наведено дека Украина би можела да се подели на два дела, што би довело до насилства или можеби и граѓанска војна, која би ја присилила Русија да се одлучи да интервенира.

Брнс јасно навел дека Сергеј Лавров на 22 јануари 2008 година, јасно нагласил дека Русија ќе мора да го гледа како потенцијална воена закана, понатамошното ширење на НАТО кон исток, особено со зачленувањето на земјите Украина и Грузија.

Лавров тогаш нагласил дека одржувањето на руската сфера на влијание во соседството било анахроно и призна дека САД и Европа имаат легитимни интереси во регионот, но рече и дека Украина и Грузија мораат да го имаат предвид влијанието на нивните одлуки на соседите.

Лавров потоа нагласи дека Русија е убедена оти проширувањето на НАТО не се заснова на безбедносни причини, туку на наследството од Студената војна и дека постои растечки тренд новите членки на НАТО да прават и да кажат што сакаат, како на пример да се обидат да да ја ревидираат историјата и да го величаат фашизмот.

„Радикалното ново ширење на НАТО може да доведе до сериозни политичко воени промени кои неминовно ќе влијаат на безбедносните интереси на Русија“, рече тогаш Лавров нагласувајќи дека Русија со Украина била поврзана со договорот за пријателство од 1997 година и дека двете страни се обврзале дека ќе се воздржат од учество или поддршка во какви било акции способни да ја загрозат безбедноста на другата страна.

Лавров тогаш рече дека веројатната интеграција на Украина ја натерала Москва да преземе соодветни мерки. По повод неговата изјава, амбасадорот Брнс во својот извештај напишал дека аспирациите на НАТО за Украина и Грузија не само што ѝ наштетуваат на Русија, туку и дека предизвикуваат сериозна загриженост околу последиците за стабилноста во регионот.

„Експертите ни велат дека Русија е особено загрижена што силните поделби во Украина поради членството во НАТО, во кои голем дел од етничко-руската заедница се противи на членството, може да доведат до големи поделби, насилство или во најлош случај граѓанска војна. Во тој случај Русија би требало да одлучи дали ќе интервенира, а тоа е одлука со која Русија не сака да се соочи“, пишува меѓу другото во својот извештај поранешниот американски амбасадор.

Извор/24sedam

 

Scroll to Top