Астронаутот на НАСА, Стен Лав, објасни зошто вонземјаните не сакаат да нè посетат. Вели дека не сме им биле доволно интересни и дека не сакале да го губат времето со нас.
Во тимот на НАСА се приклучи во 1998 година, а првата мисија ја имал 10 години подоцна, во 2008 година. Во вселената поминал 300 часа, но, како што вели, досега нема докази и немал можност да се сретне со некои жители од космосот. За светските медиуми рече дека има три причини зошто не сакаат да нè посетат.
И покрај тоа што НАСА во моментов и официјално ги истражува необјаснивите појави НЛО, Стен не верува дека вонземјаните се наоѓаат во близина на нашата планета Земја. Неговата прва теорија е дека во вселената може да постојат интелигентни вонземјани кои едноставно не сакаат да нè посетат.
„Можете ли да замислите интелигентен живот кој едноставно не се грижи за технологијата и кој совршено е среќен што може да остане дома и не се чувствува како да треба да гради вселенски бродови“, рече Стен.
Тој верува дека постојат вонземјани, а како објаснување за причината зошто не сакаат или не можат да нè посетат ги спомна делфините.
„Делфините се прилично паметни, не можеме да комуницираме со нив, ниту да ги разбереме и некако во целост да се поврземе со нив. Така е и со сигналите кои ги испраќаат вонземјаните, кои можеби се многу почести отколку што мислиме, но едноставно не можеме да ги препознаеме затоа што ни се туѓи и се различни од нашите“, објасни Стен.
Неговата втора теорија е дека постои можност вселената да ги истребила пред да успеат да дојдат до нас. Третата теорија е дека постојат вонземјани далеку поинтелигентни од нас и дека не сакаат да губат време да нè посетат и да нè запознаат.
„Цивилизацијата која може да совлада таква енергија веројатно нема никаква врска со нас. Претпоставувам дека би биле интересни само од научна гледна точка. Тоа е предмет на многу дебати“, рече Стен.
НАСА и вселенските агенции ширум светот ќе продолжат да бараат знаци на вонземски живот, дури и докази за нивно постоење, а астронаутот Стен верува дека допрва ќе најдеме вонземјани ако испратат радиосигнали кои ќе можеме да ги откриеме.